На денешен ден, пред точно 22 години, на 6 мај 2004 година, повеќе од 50 милиони луѓе се собраа пред своите екрани за да ја проследат последната епизода на култната серија „Пријатели“.
Она што започна на 22 септември 1994 година како обичен ситком, брзо прерасна во глобална опсесија која ја дефинираше поп-културата на деведесеттите години од стилот на облекување и фризурите, па сè до препознатливите фрази, пишува „Аол“.
Последната епизода, насловена „The Last One“, не беше само емотивно збогување, туку и огромен финансиски триумф. Телевизиската мрежа „Ен-би-си“ им наплаќаше на огласувачите во просек по 2 милиони долари за само 30 секунди рекламен простор. За овие средства, гледачите го добија долгоочекуваниот крај на романсата помеѓу Рос и Рејчел, кога по драматичната порака на телефонската секретарка, таа сепак реши да се симне од авионот за Париз и да остане со него.
Додека Рос и Рејчел ја обновуваа својата врска, останатите ликови покажаа колку пораснале низ годините. Моника и Чендлер открија дека наместо едно, посвојуваат близнаци и се подготвија за преселба во предградието, Фиби ја најде среќата во бракот со Мајк, додека Џои остана верниот и сакан пријател каков што сите го знаеја.

Иако серијата низ годините се соочуваше со критики за недостаток на различност, нејзиниот успех е непобитен. Со вкупно 62 номинации за Еми и 11 победи на „People’s Choice Awards“, „Пријатели“ останаа миленици и на критичарите и на публиката.
Како последен доказ за култниот статус на серијата служи и податокот дека зградата во Њујорк каде што се наоѓаше станот на пријателите, подоцна беше продадена за неверојатни 32,7 милиони долари. Празниот стан со виолетови ѕидови и денес останува една од најпрепознатливите слики во историјата на телевизијата.








