Русија му понуди на Иран испорака на беспилотни летала и обука за нивна употреба против американските сили во Заливот и други региони, објави денес британскиот весник „Економист“, повикувајќи се на доверлив документ до кој имал пристап.
Според весникот, документот укажува дека руската воена разузнавачка служба ГРУ подготвила план за снабдување на Иран со 5.000 беспилотни летала со краток дострел, како и непознат број беспилотни летала со долг дострел водени од сателит, заедно со обука за нивна употреба.
Владимир Путин, според претходните сознанија, му обезбедил на Иран разузнавачка поддршка за операции против американските сили на Блискиот Исток, но овој план би претставувал прв доказ за можна понуда на софистицирано оружје во поголем обем, наведува весникот.
„Економист“ пишува дека документот не е датиран, но проценува дека е создаден во текот на првите недели од војната меѓу Иран, САД и Израел, кога постоела можност за американска копнена интервенција против Иран.
Весникот истакнува дека нема директни докази дека документот бил доставен до иранските власти, дека беспилотните летала биле испорачани или дека програмата за обука била започната.
Христо Грозев, експерт за руските разузнавачки служби, оцени дека содржината на документот е во согласност со другите индикатори за зајакнување на воената соработка меѓу Русија и Иран.
Според „Економист“, на крајот на март, Русија размислувала за испраќање подобрени верзии на беспилотните летала од типот „Шахед“, кои претходно ги купила од Иран, а потоа почнала да ги произведува.
Во весникот, исто така, се наведува дека беспилотните летала со оптички влакна значително го промениле начинот на војување во Украина, бидејќи не се подложни на електронски пречки и овозможуваат прецизни удари на растојанија од повеќе од 40 километри.
Вакви беспилотни летала се појавија и во Либан, каде што, според израелските претставници, Хезболах ги користел против израелските сили.
„Економист“, исто така, наведува дека планот предвидува регрутирање оператори на беспилотни летала меѓу иранските студенти на руските универзитети.











