Во САД е прогласен итен одговор од ниво 3 на хантавирус; Трамп „Сè ќе биде во ред“

Макфакс

08/05/2026

10:08

256

Големина на фонт

а а а

Глобалните здравствени власти работат на спречување на ширењето на хантавирусот откако беа потврдени случаи на крузерот MV Hondius, пишува ABC News.

Вкупниот број на потврдени случаи поврзани со оваа епидемија се зголемува, соопштија здравствените власти. Досега е познато дека три лица кои биле на бродот починале од вирусот.

На бродот сè уште се наоѓаат повеќе од 100 патници, а Светската здравствена организација го следи нивното здравје. Официјалните лица изјавија дека „целокупниот ризик за јавното здравје останува низок“, но дека е можен пренос од човек на човек.

Здравствените власти во неколку федерални држави објавија дека следат некои патници кои се вратиле во САД откако биле на бродот, поради потенцијална инфекција со хантавирус.

Центрите за контрола и превенција на болести на САД ја класифицираа епидемијата како итен одговор од „ниво 3“ – најниско ниво на активирање во итни случаи.

Ова е најниското ниво на активирање и е вообичаено за оваа фаза. Тоа укажува дека ризикот за општата популација останува низок, но дека здравствената агенција активно ја следи ситуацијата.

Активирањето на центрите за итни операции значи дека е формиран тим за итни интервенции. Епидемиолозите, научниците и лекарите може да бидат прераспоредени од нивните вообичаени должности за да учествуваат во одговорот на ситуацијата.

Еден од патниците на крстосувачот во центарот на кластерот на случаи на хантавирус вели дека другите патници на MV Hondius се мирни и одржуваат добро расположение.

Во изјава дадена за ABC News, патникот Касем Ибн Хатута изјави дека сега има неколку лекари на бродот, што им дава безбедност на патниците. Патниците носат маски и одржуваат растојание во внатрешноста на бродот.

„Неколку лекари ни се придружија на бродот пред да испловиме од Капо Верде, што беше исто така смирувачко бидејќи сега имаме експерти на бродот. Во моментов, никој нема симптоми поврзани со хантавирус и се надеваме дека така ќе остане.“

Тој рече дека патниците можат слободно да споделуваат што сакаат на Интернет, но дека некои одлучиле да не објавуваат ништо јавно бидејќи сакаат да ја зачуваат својата приватност.

Трамп за хантавирусот: „Сè ќе биде во ред“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во разговор со новинарите во четвртокот вечерта, рече дека бил информиран за случаи на хантавирус поврзани со крузерот MV Hondius. „Ќе биде во ред. Се надеваме“, рече Трамп.

Тој додаде дека неговата администрација денес ќе објави „целосен извештај“, но не даде дополнителни детали.

„Во голема мера – се надевам – е под контрола. Тоа беше брод и мислам дека утре ќе објавиме целосен извештај за тоа“, рече Трамп. „Имаме многу луѓе, многу одлични луѓе кои го проучуваат тоа“.

Кога беше прашан дали Американците треба да се грижат дека вирусот може да се прошири, Трамп рече: „Се надевам дека не. Мислам, се надевам дека не. Ќе направиме сè што можеме“.