Ако постои месец што ја открива најубавата, најтивката страна што ја нуди Грција, тоа е јуни. Деновите се долги и облеани со сонце, морето е пријатно топло, но без жештината што заморува. Плажите сè уште „дишат“, без редици лежалки и бучава, а вечерите се совршени за лесни прошетки покрај звукот на брановите и мирисот на морето. Тоа е време кога Грција не е забрзана дестинација, туку место за одмор на душата.
Доколку ви е потребен одмор на почетокот на летото и мирни места во срцето на божествената грчка природа, ви откриваме 3 дестинации кои се совршени за летување во јуни.
Покрај природните убавини, морето, совршениот песок и добрата храна, на нив можете да го збогатите патувањето и со културни и историски содржини.
Тасос
Ако сакате остров кој спојува природа и мир, Тасос е вистинскиот избор. Познат како „зелен остров“, изобилува со борови шуми кои се спуштаат до самите плажи. Во јуни неговите заливи сè уште се полупразни, а водата е кристално чиста и мирна. Тука деновите поминуваат бавно, со кафе покрај морето, лесно капење и вечери во мали таверни во кои како времето да застанало.

Покрај прекрасните плажи од кои се истакнуваат Мермерната, Голден, Парадајс, Алики, Тасос е богат со археолошки наоѓалишта. Природниот базен Гиола е исто така совршен бисер на островот, но не заборавајте да го посетите и неверојатниот манастир Св. Архангел Михаил и прекрасниот поглед од манастирскиот двор.

Сивота
Сивота е мало место кое освојува на прв поглед. Опкружено е со мали острови и скриени заливи, а морето има нереални нијанси на сина и зелена боја. Во јуни тука владее посебна тишина – нема гужва, нема брзање, само лесен ритам на денот. Сивота е идеална за парови и сите кои сакаат да избегаат подалеку од бучавата и да пронајдат свое место покрај морето, далеку од масовниот туризам.

Сивота е опкружена со малите острови Моуртемено и Агиос Николаос. Можете да изнајмите чамец или да отидете на организиран излет до познатата Сина лагуна, каде водата е толку чиста што се гледа дното и на поголема длабочина. Малата марина е срцето на местото – полна со ресторани, кафулиња и јахти. Навечер е многу романтично и нема гужва како во поголемите летувалишта.

Лефкада
За оние кои бараат сцени кои оставаат без здив, но без летен метеж, тука е Лефкада. Нејзините познати плажи со бели карпи и тиркизно море во јуни делуваат уште поубаво бидејќи можете да ги доживеете во тишина. Зад главните локации се кријат мали, помалку познати заливи кои пружаат чувство на потполна приватност.

Некои од најубавите плажи на Лефкада се Катизма, Милос, Порто Кацики и Егремни. Не пропуштајте да го посетите и Лефкас, главниот град на островот, како и манастирот Фанеромени и водопадите во близина на Нидрија. Постојат неколку ресторани на врвот на островот од кои погледот кон зајдисонцето е неверојатен.















