Додека повеќето европски градови се свртуваат кон градење во височина, Хелсинки избра сосема поинаков правец на развој, поточно – спуштање под површината на земјата.
Под финската престолнина се простира сложен и импресивен подземен систем кој не е замислен само како засолниште за кризни ситуации, туку како активен дел од секојдневниот живот.
Благодарение на цврстата гранитна подлога, Хелсинки можеше да развие мрежа од подземни простори чија намена далеку ја надминува класичната претстава за бункери. На околу 30 метри под земја се наоѓаат игралишта за деца, базени со олимписки димензии, теретани, па дури и патеки за картинг. Просторите се пространи, современо уредени и добро вентилирани, поради што многу посетители лесно забораваат дека над нив се наоѓаат слоеви карпа и градската врева.
Безбедност како систем, не импровизација
За разлика од ад хок засолништата какви што се познати во некои делови од Европа, Хелсинки располага со повеќе од 5500 специјално изградени објекти кои можат да примат речиси еден милион луѓе, што го надминува бројот на жители на градот. Финските експерти нагласуваат дека подготвеноста за вонредни ситуации е длабоко вкоренета во општеството. Токму затоа овие простори редовно се користат, за да останат функционални, но и за граѓаните да бидат запознаени со нив во случај на потреба.

Подземје што живее со полни гради
Овој скриен дел од градот не е резервиран само за спорт и рекреација. Хелсиншката музичка сцена, особено хеви метал и панк, се развивала токму во овие изолирани подземни простори кои се идеални за проби на бендови. Покрај тоа, во карпата се обликувани и цркви, музеи, па дури и вештачки езера, со што е создаден систем кој функционира без оглед на суровите климатски услови.
Примерот на Хелсинки покажува дека инфраструктурата наменета за вонредни ситуации не мора да биде мрачна и запоставена. Напротив, може да стане простор за секојдневен живот, креативност и заедништво, правејќи го градот подеднакво жив и под земја како и на нејзината површина.


















