Жена која професионално се занимава со пребарување на фрлени работи во контејнери повторно привлекла огромно внимание од јавноста.
Нејзиното најново видео пред познатата продавница „Anthropologie“ во САД предизвикало лавина реакции откако покажала какво неверојатно богатство пронашла таму.
Оваа тиктокерка, позната под корисничкото име @glamourddive, има повеќе од 2,5 милиони следбеници на кои редовно им ги прикажува своите „улови“ од ѓубре, сè со цел да ја подигне свеста за горчливиот проблем на брзата мода и прекумерниот отпад. Меѓутоа, она што овој пат го пронашла во контејнер ја изненадило и самата неа.
Во нејзиното најново видео, таа влегува во контејнер пред продавницата и наидува на куп предмети кои биле фрлени, наводно поради оштетување, непродажба или излегување од мода. Меѓутоа, многу од тие работи биле целосно нови и неупотребени.
„Погледнете го ова, цел сет свеќи. Секоја чинеше околу 44 евра. А оваа свеќа во облик на куче, па ајде? Преслатка е“, зборувала во неверување додека ги снимала пронајдените предмети, меѓу кои имало и шолји, козметички торбички и разни декоративни предмети.
Нејзината акција за спасување на овие предмети речиси била прекината, бидејќи морала набрзина да ги наполни торбите и да побегне кога слушнала дека се приближува камион за ѓубре.
Лавина коментари и гнев од јавноста: „Треба да се донира“
Ова видео предизвикало бурни реакции на интернет и ги поделил коментаторите. Многумина се згрозени од фактот дека совршено употребливи производи се фрлаат, наместо да им се дадат на оние на кои им се потребни, додека други ја преиспитуваат политиката на големите компании.
„Зошто едноставно не им ги донираат на вработените?“, се запрашал еден корисник, додека друг додал: „Работам во сестринска компанија на ‘Anthropologie’ и нашата политика дефинитивно не е работите едноставно да се фрлаат“.
Еден од коментарите посебно ја истакнал загриженоста и гневот на јавноста.
„Одвратно е што фирмите фрлаат совршено исправни работи. Треба да плаќаат казни за полнење депонии. Тоа треба да се донира или да се остави на улица за луѓето да земат. Драго ми е што барем вие успеавте нешто да спасите,“ гласел еден од коментарите.







