Тиктокерката Бојана Топаловиќ од Србија веќе пет лета поминува во Виетнам, каде што работи како професорка по англиски јазик во основно училиште.
По професија е археолог, а летата главно ги поминува во Хрватска работејќи сезонски работи. Секојдневниот живот и искуствата од Виетнам ги споделува на социјалните мрежи, а особено внимание привлекоа нејзините неодамнешни видеа за училиштата во таа земја.
Во три објави откри како изгледа големиот одмор, кои работи во училиштата таму се целосно вообичаени, но и што неа лично најмногу ја изненадило.
Како изгледа големиот одмор во Виетнам
Во првото видео покажала сцени од училишниот двор за време на големиот одмор, кој трае околу половина час. За разлика од она на што сме навикнати, децата тоа време не го поминуваат само во игра или одмор.
„Ајде да ви покажам што прават децата во Виетнам за време на големиот одмор, а што Балканците тешко би го разбрале“, започна таа.
Објасни дека често им се пушта музика на која учениците изведуваат кореографии, а во петок се организираат и натпревари меѓу одделенијата. Еден од нив бил и влечење јаже, кое траело со недели и завршило со големо финале.
„По изедначувањето и нивните наставнички се приклучија за да му помогнат на својот тим“, рече таа, додавајќи дека подоцна се натпреварувале и самите наставнички.
Особено ја изненадила една работа: „Она од што повеќето луѓе би биле шокирани е тоа што сите се боси, и децата и наставничките, но тоа тука е сосема нормално“.
Три работи кои треба да бидат нормални насекаде
Во второто видео издвои три работи кои ги смета за позитивни и кои, според неа, би можеле да функционираат и на други места.
„Првата работа се униформите. Сите деца, од прво одделение до крајот на средното училиште, ги носат во училиште“, објасни таа.
Втората работа се однесува на цените на учебниците, кои се јасно означени. „На баркодот на секоја книга пишува и цена. На пример, оваа книга чини околу едно евро“, вели девојката.
Третата работа што особено ја воодушевила е односот на учениците кон наставниците. „Децата не се сомневаат во твоето знаење и родителите не доаѓаат во училиштето да интервенираат за своето дете. Учениците се трудат затоа што знаат дека оценките можат да ги поправат само со учење“.
На некои работи ѝ било тешко да се навикне
Во третото видео искрено зборувала за она што не ѝ било лесно да го прифати.
„Една од работите е тоа што децата се во училиште цел ден, од 7 наутро до 17 часот попладне“, рече, објаснувајќи дека имаат настава наутро и попладне, со повеќечасовна пауза за ручек.
Во таа пауза учениците не само што јадат во училиште, туку и одмараат. „Сите имаат свои перници и спијат. Ги поместуваат масите и легнуваат на под или на клупи“, раскажа таа.
Третата работа што ја изненадила е недостигот од спортска инфраструктура. „Немаат сала за физичко, а често ни терени за спорт. Веројатно затоа што на југот од Виетнам цела година е топло, но нивните часови по физичко сигурно изгледаат поинаку отколку кај нас“.














