Трчај на трка каде целта те брка тебе!

Точка

30/04/2026

15:53

108

Големина на фонт

а а а

Замислете трка во која нема класичен финиш, туку сами одлучувате колку ќе трае. Трчате од каде што сакате и колку што можете, а секој ваш истрчан километар придонесува за поголема цел.

Wings for Life World Run е глобална хуманитарна трка која веќе повеќе од една деценија обединува луѓе од целиот свет околу една заедничка цел: поддршка на истражувањата за лекување на повреди на ‘рбетниот столб. Станува збор за трка што се одржува истовремено на сите континенти, при што учесниците трчаат во ист момент, без разлика дали се наоѓаат во Европа, Азија, Африка или Америка.


Оваа година, трката ќе се одржи во недела на 10 мај со почеток во 13:00 часот, кога стотици илјадници учесници ќе излезат да трчаат, како дел од истиот глобален настан.

Она што ја прави оваа трка поразлична од сите останати е нејзиниот уникатен формат. Наместо класична целна линија, тука постои т.н. „Catcher Car“, виртуелно возило кое започнува да се движи 30 минути по стартот на трката и постепено ја зголемува својата брзина. Учесниците трчаат сè додека не бидат „фатени“од ова возило, што значи дека секој сам ја одредува својата дистанца и темпо, без ограничувања или однапред зададена должина на патеката.


Токму овој концепт ја прави трката достапна за сите. Без разлика дали станува збор за искусни тркачи или за оние што првпат се пријавуваат на ваков настан, секој може да учествува и да трча онолку колку што му одговара. Единствено што е потребно е официјалната Wings for Life World Run мобилна апликација, преку која се следи трката и движењето на виртуелното возило.

Минималната котизација за учество изнесува 12 евра, а 100 % од собраните средства од трката одат директно во Wings For Life World Run фондацијата за истражувања за лекување на повреди на ‘рбетниот столб.


Интересот за оваа трка расте од година во година. Во претходните изданија учествуваа стотици илјади луѓе од повеќе од 150 земји, при што се собрани милиони евра за поддршка на истражувањата. Токму масовноста и заедничката цел ја прават Wings for Life World Run една од највпечатливите глобални спортски иницијативи денес.

Покрај индивидуалното учество, учесниците можат да формираат и тимови, со што дополнително се поттикнува заедничката мотивација и вклученост. Тимовите имаат можност да постават заеднички цели, како во однос на истрчана дистанца, така и во однос на собрани донации.


За сите кои сакаат да придонесат, но не се во можност да трчаат, постои опција за директна донација или подарување ваучер за учество.

Со едноставен концепт и силна хуманитарна позадина, трката и оваа година ќе ги обедини луѓето ширум светот во ист момент, потсетувајќи дека секој нивен чекор може да има поголемо значење.

Повеќе информации за трката и начинот на пријавување се достапни на: https://www.wingsforlifeworldrun.com/en.