Дивите папагали во урбаните средини во Австралија користат социјално учење и го копираат однесувањето на други единки кога одлучуваат дали да пробаат нова храна, покажува ново научно истражување.
Студијата, објавена во списанието „PLOS Biology“, опфатила повеќе од 700 диви папагали со сулфурна круна во пет колонии во Сиднеј.
Истражувачите откриле дека птиците многу побрзо почнувале да консумираат непозната храна кога набљудувале други единки како го прават тоа, додека во групите без „тренери“ биле потребни неколку дена за поединечни единки сами да почнат да ја пробуваат, пренесе Си-ен-ен.
Во некои колонии, откако еден папагал ќе пробал нова храна, десетици други во рок од неколку минути почнувале да ја консумираат.

Научниците наведуваат дека овој облик на однесување е особено изразен кај помладите единки, кои покажуваат склоност да го следат мнозинството, додека возрасните папагали се поселективни и повеќе се потпираат на однесувањето на поединечни „познати“ единки.
Авторите на истражувањето истакнуваат дека социјалното учење им помага на животните да го намалат ризикот при консумирање непозната храна во урбаните средини, каде што често се појавуваат нови извори на исхрана.
Меѓутоа, тие често се претпазливи кога станува збор за пробување непозната храна, бидејќи таа би можела да биде отровна за нив или да носи паразити. Затоа, еден од алатите што некои животни ги користат за да дознаат дали вреди да се ризикува е социјалното учење — преку набљудување или интеракција со други единки или со нивни предмети, навеле истражувачите од Австралија, Германија, САД и Швајцарија.

Оваа стратегија е забележана кај дивите чавки и дивите врани. Лабораториските студии на стаорци во Норвешка, исто така, покажале дека стаорците можат да стекнат преференции поврзани со храната преку мирисање на здивот на други единки.
Според оценката на научниците, ваквото однесување придонесува за успешно приспособување на папагалите на животот во градовите.











