Научници пронајдоа 1.600 години стара мумија: „Ова досега не е забележано“

Точка

02/05/2026

10:43

413

Големина на фонт

а а а

Археолози на локалитетот на древниот град Оксиринхус, кој се наоѓа на територијата на денешен Египет, дошле до фасцинантно откритие. Пронашле мумија која на пределот на стомакот имала прикачен фрагмент од Хомеровата „Илијада“, пренесува „CNN“.

На тоа подрачје, вели Игнаси-Хавиер Адиего, филолог од Универзитетот во Барселона, и претходно биле пронаоѓани мумии покрај кои имало запечатени пакети со папируси за кои се претпоставува дека содржеле ритуални формули поставени за време на балсамирањето, но ова е првпат да се открие книжевен текст.

„Ова е големо откритие за нас. Досега не знаевме дека книжевни текстови се користеле како дел од овој погребен ритуал“, изјавил Адиего, член на тимот кој со години работи на ова наоѓалиште.

Според соопштението на Универзитетот во Барселона, мумијата е пронајдена во денешниот египетски град Ал Бахнаса, околу 200 километри јужно од Каиро, и е стара приближно 1.600 години, односно потекнува од римскиот период.


Иако папирусот е фрагментиран и во лоша состојба, археолошкиот тим успеал да утврди дека текстот потекнува од каталогот на бродови во втората книга од грчкиот еп, посочил Адиего.

„Немавме можност да го проучиме со напредни методи како рендгенско снимање, кое би ни овозможило подобро читање. Направивме сè што можевме без да го уништиме папирусот“, додал тој.

Поради тоа, истражувањата на папирусот сè уште се во рана фаза, објаснил Адиего, а многу важни прашања остануваат без одговор. Засега малку се знае за улогата на папирусот во процесот на балсамирање, иако едно можно објаснување е дека служел како своевиден потпис на балсаматорот кој го мумифицирал телото.

Претходните пронајдоци на папируси со ритуални упатства навеле некои научници да претпостават дека тие имале заштитна функција.

„Идејата дека папирус со книжевен текст има иста функција е многу необична. Во овој момент не можеме со сигурност да кажеме која е неговата улога“, додал Адиего.


Исто така, малку се знае и за животите на лицата чии мумии се пронајдени на оваа локација, освен дека нивните семејства морале да имаат одредено ниво на богатство за да можат да го платат процесот на балсамирање.

Египетското Министерство за туризам и антиквитети соопшти дека ископувањата откриле три варовнички гробници со неколку мумии, од кои три имале златни листови на јазикот, додека една имала бакарни.

Во соопштението објавено на „Facebook“ претходно овој месец, министерството навело дека во една просторија била пронајдена голем сад со кремирани остатоци од возрасно лице, како и коски од дете и глава од животно слично на мачка. Остатоците биле завиткани во парчиња ткаенина.

Во друга просторија бил пронајден сличен сад со кремирани остатоци од две лица и коски од животно од ист вид, се додава во соопштението.