Јокиќ со „трипл-дабл го врати Денвер во игра, шампионот ја „удри“ првата „метла“

Дерби

28/04/2026

16:00

187

Големина на фонт

а а а

Никола Јокиќ одигра на високо ниво, а Денвер Нагетс обезбеди победа над Минесота Тимбервулвс во петтиот меч од првата рунда од плејофот во НБА лигата.

Клубот од Колорадо славеше со 125:113 и намали на 3-2 во серијата во која „волците“ ќе мора да ја завршат без двајца играчи од стартната петорка, главната ѕвезда Едвардс и бекот Дивинченцо.

Нагетс беа доминантни и ги решија во своја полза првите три четвртини што се покажа како доволно за остварување на целта во ова соочување. Лидер беше Јокиќ со трипл-дабл од 27 поени, 12 скока и 16 асистенции, Мари додаде 24 поени со 7 асистенции, додека кај поразените Рендл заврши со 27 кошеви.

Актуелниот шампион Оклахома Сити Тандер е прв патник во втората рунда откако со чисти 4-0 го суреди Феникс Санс. ОКЦ рано утрово славеше со 131:122 и сега мирно ќе може да го чека подобриот од ЛА Лејкерс и Хјустон Рокетс.

Шестмина играчи кај победникот беа двоцифрени, Феникс пак имаше четворица играчи со 20+ кошеви, ама и тоа не е доволно против најдобриот тим во лигата.

Орландо Меџик пак уште еднаш го „нокаутира“ Детроит Пистонс (94:88) и е на еден чекор од големо изненадување со оглед на тоа што води со 3-1.