[ВИДЕО] Гест од Бостонскиот маратон ги освои мрежите: На учесник му „откажаа“ нозете пред самиот крај, двајца тркачи го носеа до целта

Точка

22/04/2026

14:47

361

Големина на фонт

а а а

Социјалните мрежи ги освои снимка од момент од маратонот во Бостон каде, откако на еден тркач му „откажаа“ нозете, двајца други учесници го подигнаа и го носеа низ последната делница сè до целта.

Во видеото кое широко се споделува на социјалните мрежи, на тркачот Ајај Харидасе му „откажуваат“ нозете на помалку од еден километар до целта. Неколку пати се обидувал да стане и да продолжи, но безуспешно. Во еден момент дури и удрил со тупаница по патот од фрустрација.

Токму кога се помирил со фактот дека не може да ја заврши трката, се појавил тркачот Арон Бегс кој му подал рака и му понудил помош. Нему му се придружил и Робсон Оливеира, а двајцата ги ставиле рацете на Харидасе преку своите рамена, со громогласно навивање од толпата што го следела маратонот.


Заедно успеаја да ја истрчаат последната делница и да ја преминат целната линија.

Харидасе по маратонот изјави за „ABC News“ дека е благодарен за помошта што ја добил. Според наводите, тој е 21-годишник од Масачусетс.

Присетувајќи се на тој момент, рече: „Арон подава рака, Робсон ме поддржува од другата страна. Двајца странци ми помагаат да станам иако немаа причина за тоа. Навистина сум благодарен за сè“.

Во разговор за „ABC News“, Бегс изјави: „Сите сме заедно на ист пат. Сакаме да стигнеме до целта и се поддржуваме едни со други. На сите нѝ е потребна помош. Никогаш не знаете кога тоа ќе бидете вие самите“.

Оливеира рече: „Тоа беше одлука донесена во дел од секунда. Кога влегов во последната делница од маратонот, бев само неколку метри од постигнување на мојот личен рекорд, но во далечината го видов Харидасе како паѓа. Знаев дека нема да имам сила сам да му помогнам. Во тој момент помислив: ‘Боже, ако некој застане, и јас ќе застанам и ќе му помогнам’. И Бог беше толку дарежлив кон нас што Бегс застана, а јас знаев дека можам да помогнам, бидејќи двајца се посилни од еден“.


„Ќе се вратам овде во 2027 година, ако даде Бог. Нема да се откажам од рушење на резултатот од 2:40 на оваа дистанца“, додаде тој.

Со преминувањето на целната линија за помалку од 2 часа и 55 минути, сите тројца се квалификуваа за Бостонскиот маратон 2027.

Моментот стана вирален на интернет, а многу корисници го пофалија потегот на Оливеира и Бегс бидејќи го загрозија сопствениот резултат на трката за да му помогнат на Харидасе.