Мерил Стрип го покори Њујорк во драматична креација, Ен Хатавеј блесна во огнено издание, но фустанот на Емили Блант однесе апсолутна победа!

Точка

21/04/2026

16:30

357

Големина на фонт

а а а

It's showtime! Целата планета одбројуваше до грандиозниот настан во Њујорк, премиерата на долгоочекуваното продолжение на мегахитот „The Devil Wears Prada“. Штом Мерил Стрип, Ен Хатавеј и Емили Блант зачекорија на црвениот тепих, Менхетен се затресе од овации, еуфорија и епски моменти за паметење, а трите дами, кои блескаа во сензационални креации, апсолутно го оправдаа статусот на модни икони на денешницата.

Ако сте заборавиле што значи вистински гламур, погледнете ги фотографиите од „Lincoln Center“, на трите големи ѕвезди кои синоќа, секоја на свој начин, беа вистински празник за очи. Премиерата на вториот дел од култното остварување „The Devil Wears Prada“, кое љубителите на модата и „седмата уметност“ го чекаа цели две децении, за момент не го запре само Њујорк, туку и целиот свет, а сето тоа благодарение на легендарната Мерил Стрип, нејзините колешки Ен Хатавеј и Емили Блант, и еден џентлмен – харизматичниот Стенли Тучи.


Мерил Стрип (76) секако го украде шоуто, оставајќи ги присутните без здив со драматичната впечатлива црвена наметка-фустан со стилизирана крагна во форма на панделка, која за „Givenchy“ ја дизајнираше креативната директорка Сара Бартон.

Тоа беше величествен омаж на уредничката на фиктивниот магазин „Runway“, со темни очила и црни ракавици. Единствено фризурата „излегуваше“ од улогата. Во секој случај, славната актерка зрачеше со авторитет и енергија, исто како нејзиното алтер его.


И Ен Хатавеј (43) се одлучи за огнено црвена – бојата на победата, моќта, страста, силата, љубовта, широк спектар на силни емоции. Сето тоа го емитуваше скулптуралната креација на „Louis Vuitton“ со корсет и широк 3D долен дел, која вешто ја искомбинира со сандали во иста боја и накит од „Bvlgari“. Се гледа дека Енди Сакс научила нешто за време на работењето кај Миранда... Сепак стана главна асистентка.


Најмногу се зборува за спектакуларната тоалета што за овој настан од епски размери ја избра Емили Блант (43). Персонификација на поимот „high couture“ во вистинска, највисока смисла. Но, што друго да се очекува од креација со потписот на престижната куќа „Schiaparelli“, и тоа од актуелната колекција за пролет и лето? И фустанот со волуменизирано повеќеслојно здолниште и британската актерка изгледаа како ремек-дело! Впрочем, и нејзината филмска Емили повеќе би се онесвестила пред целиот свет отколку да облече нешто „тривијално“, нели?


Внимание привлече и накитот: ѓердан од 156 бисери со розово злато и дијамантски ливчиња, како и феноменална нараквица од истата линија. Потеатрално за премиера на вакво остварување – не можеше!

Друштво на дамите на црвениот тепих им правеше омилениот стилист на Миранда, Најџел Киплинг, односно Стенли Тучи, во одело со потпис на империјата „Armani“. Шармантниот актер и неговата колешка од Лондон не само што се блиски пријатели, туку се и семејство, со оглед на тоа што Тучи од 2012 година е во брак со постарата сестра на Емили, Фелисити.