Американскиот претседател Доналд Трамп се осврна на веста дека Тим Кук по 15 години се повлекува од функцијата главен извршен директор на технолошкиот гигант "Apple".
„Отсекогаш сум бил голем обожавател на Тим Кук, како и на Стив Џобс. Да не заминеше Стив толку рано од овој свет и да ја водеше компанијата наместо Тим, фирмата ќе работеше добро, но ни приближно толку добро како под водство на Тим.
За мене сè започна со телефонски повик од Тим на почетокот од мојот прв мандат. Имаше прилично голем проблем кој само јас, како претседател, можев да го решам. Повеќето луѓе би платиле милиони долари на консултант, кого веројатно ни не би го познавал, но тој би тврдел дека добро ме познава“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“.

„Тим ќе продолжи да прави одлични работи“
„Надоместоците би биле платени, но работата не би била завршена. Кога го добив повикот, си реков – вау, ме бара Тим „Apple“ (Кук!), колку е тоа големо? Бев многу импресиониран од себе што шефот на „Apple“ ме повикува да ми се ’умилкува‘.
Во суштина, ми го објасни проблемот – беше тежок, сметав дека е во право и го решив брзо и ефикасно. Тоа беше почеток на долг и многу добар однос. Во текот на моите пет години како претседател, Тим ме повикуваше, но не премногу често, а јас му помагав каде што можев.
Години подоцна, по три или четири големи услуги, почнав да им кажувам на луѓето – на секој што сакаше да слуша – дека тој човек е неверојатен менаџер и лидер. Тој ме повикува, јас му помагам, но не секогаш, бидејќи понекогаш знае да биде премногу агресивен во барањата, и тој ја завршува работата брзо, без да потроши ниту еден цент на тие скапи, милионски консултанти кои понекогаш ја завршуваат работата, а понекогаш не.
Во секој случај, Тим Кук имаше неверојатна кариера, речиси неспоредлива, и ќе продолжи да прави одлични работи за „Apple“ и што и да одлучи да прави. Едноставно кажано, Тим Кук е неверојатен човек!!!“, додаде Трамп.

На чело на „Apple“ доаѓа Џон Тернус
Кук ќе биде заменет на позицијата главен извршен директор од Џон Тернус. Кук ќе остане на чело на компанијата до летото за да работи со Тернус на транзицијата, по што ќе „учествува во одредени аспекти од работењето на компанијата, вклучувајќи комуникација со носители на одлуки ширум светот“.
Одлуката на Кук да се повлече доаѓа по месеци шпекулации дека Apple, кој неодамна ја прослави својата 50-годишнина, бара наследник. Во 2018 година, компанијата стана првата јавно листирана фирма проценета на еден билион долари, а денес вреди околу четири билиони долари.
Тернус минатата година се наметна како фаворит за наследник на Кук, откако оперативниот директор Џеф Вилијамс ја напушти компанијата. Во текот на своите 25 години во Apple, Тернус работеше на речиси сите клучни производи што компанијата ги лансираше, вклучувајќи ги сите генерации на „iPad“, бројни генерации на „iPhone“, како и лансирањето на „AirPods“ и „Apple Watch“.















