[ВИДЕО/ФОТО] Оваа „пеглица“ и приказната од Куба ги шокираа возачите ширум светот

Точка

17/04/2026

20:21

566

Големина на фонт

а а а

Додека остатокот од светот бара решенија во електрични и хибридни погони, еден механичар од Куба се врати на технологија стара речиси еден век. Поради недостиг на гориво, својот автомобил го преправил да вози на дрвен јаглен.

Во време кога автомобилската индустрија се натпреварува во развојот на електрични возила, приказната од Куба покажува сосема спротивна насока – враќање кон решенија од минатото.

Во малото место Агуакате, недалеку од Хавана, 56-годишниот механичар Хуан Карлос Пино го преправил својот стар автомобил, полски „Fiat“ од 1980-тите, така што наместо бензин користи дрвен јаглен.


Причината не е експеримент или хоби, туку чиста потреба. Куба во последните месеци се соочува со сериозен недостиг на гориво, откако Соединетите Американски Држави ги прекинаа испораките на нафта, што дополнително ја влоши и онака тешката енергетска состојба.

Во такви услови бензинот е строго рационализиран, а на црниот пазар цените достигнуваат и до 8 долари по литар, што е повеќекратно повеќе од официјалните цени. Токму затоа Пино се свртел кон алтернатива – дрвен јаглен, кој е поевтин и лесно достапен.

Како функционира автомобил на јаглен?

Системот што го вградил се базира на технологија позната уште од Втората светска војна – т.н. гасен генератор. Во пракса, дрвениот јаглен согорува во специјално изработен резервоар, а создадениот гас потоа се користи како гориво за моторот.

Пино целиот систем го изработил од импровизирани делови – од стар резервоар за гас до филтер направен од метален сад и стара облека. Автомобилот така може да достигне брзина и до 70 км/ч, а во еден тест поминал повеќе од 80 километри.

„Во ваква криза, ова е најдобрата опција што ја имаме. Ни треба мобилност, мораме да ја обработуваме земјата“, порачал Пино.


Кога модерноста станува луксуз

Иако ваквите решенија денес изгледаат речиси незамисливи, тие во историјата веќе биле широко користени – особено во воени и кризни периоди кога горивото било недостапно.

Кубанскиот пример покажува колку брзо модерната мобилност може да стане луксуз кога снабдувањето со енергија ќе закаже. За разлика од Европа, каде се водат дебати за електрификација и намалување на емисиите, во некои делови од светот прашањето е многу поедноставно – како воопшто да се запали автомобилот.