[ВИДЕО] Кафето со јајце стана хит на социјалните мрежи, но докторка предупредува на здравствените ризици

Точка

17/04/2026

13:46

362

Големина на фонт

а а а

Необичен напиток од кафе стана вирален на социјалните мрежи, но и покрај популарноста, лекарите предупредуваат на скриени здравствени ризици.

Станува збор за таканареченото кафе со јајце, пијалак што потекнува од Виетнам, а кој поради својот вкус и текстура освои бројни интернет-корисници, пишува New York Post“.

Што е кафе со јајце?

Овој напиток, на виетнамски познат како „cà phê trứng“, се подготвува со мешање на сирова жолчка од јајце со шеќер и кондензирано млеко. Добиената пенеста смеса потоа се прелива врз силно кафе, создавајќи сладок пијалак што многумина по вкус го споредуваат со десерт или колачиња со бел слез. Се верува дека рецептот настанал во Ханој во текот на 1940-тите години.


Слични верзии на овој напиток постојат и во други култури. На пример, постар италијански рецепт познат како „zabaglione“ исто така вклучува изматени жолчки со шеќер и често се служи со кафе.

Поделени реакции на социјалните мрежи

Кафето со јајце ужива голема популарност на социјалните мрежи, а едно видео на Инстаграм од 18 февруари собра повеќе од 400.000 лајкови. Коментарите главно беа пофални. „Најдоброто кафе на светот“, напишала една корисничка, додека друга додала: „Го пробав ова и прекрасно е“.


Сепак, сите не беа воодушевени од идејата да се меша сирово јајце во кафе. Се појавија и скептични коментари како „Има вкус на салмонела“ и „Изгледа одвратно“.

Докторка предупредува на ризик од салмонела

Токму ризикот од салмонела е главната грижа на експертите, бидејќи жолчките за време на подготовката не се обработуваат термички во доволна мера. Д-р Суџата Реди, докторка од Џорџија, истакнала дека салмонелата е сериозна закана на која треба да се мисли при подготовка на овој напиток.


Во изјава за „Fox News Digital“, Реди објаснила дека бактеријата салмонела може да се уништи исклучиво со варење на сировото јајце. Симптомите на зараза вклучуваат дијареја, треска, грчеви во стомакот, мачнина и повраќање. Особено нагласила дека бремените жени и постарите лица се изложени на поголем ризик од потешки последици од заразата.

Нутритивни аспекти и препораки

Говорејќи за нутритивната вредност, д-р Реди рекла дека нема разлика во квалитетот на протеините меѓу сировите и варените јајца. Сепак, предупредила дека кондензираното млеко, клучна состојка во рецептот е „многу калорична намирница“.


Таа додала и дека консумирањето сирови јајца може да ја намали способноста на телото да апсорбира одредени витамини од Б групата, како што е биотинот. „Ако веќе мора да се одлучите за консумирање сирово јајце, најдобро е да користите пастеризирани јајца“, советувала таа. На крајот истакнала дека, според нејзино мислење, ризиците од подготовката на кафето со јајце ги надминуваат потенцијалните придобивки.