Во документарецот „Secrets of the Royal Kitchen“ откриени се тајните на навиките во исхраната на британското кралско семејство, а интересно е што од него се дознава дека сите членови, вклучувајќи ја и Кејт Мидлтон, наводно следат старо суеверие според кое не смеат да јадат храна со „шилест“ облик.
Ова се однесува на сите намирници во форма на правоаголник или квадрат, односно оние што имаат остри, зашилени рабови.
Тоа, на пример, значи дека на менито на Кејт Мидлтон не смеат да се најдат сендвичи во квадратна форма, а поранешниот кралски готвач Грејем Њуболд објаснува дека ова верување за храната се пренесува со генерации во семејството. Да додадеме и дека Кејт Мидлтон, како и сите кралски дами, има строг протокол што се однесува на облекувањето, па така своите елегантни палта не смее да ги соблече дури ни кога ѝ е жешко.

Да се вратиме на храната.
Имено, британското кралско семејство верува дека служењето храна со шилести рабови може да донесе несреќа за монархијата, што понатаму значи дека нивниот кулинарски тим има одредени ограничувања.
„Членовите на кралското семејство никогаш не јадат сендвичи во форма на квадрат бидејќи традицијата вели дека секој што им служи храна со остри рабови се обидува да го сруши тронот на Англија“, изјавил Њуболд во споменатиот документарец.
Поранешниот кралски готвач две години работел во Бакингемската палата и шест години во Кенсингтонската палата, но никогаш не подготвил сендвичи во таков облик за покојната Елизабета II. Наместо тоа, кралицата Елизабета сакала кружни сендвичи со џем што секојдневно ги јадела со попладневен чај, пренесува „Express“.

Сопругот на кралицата Викторија, принцот Алберт, исто така следел слични суеверија во исхраната, наводно избегнувајќи да јаде сè што имало облик на ковчег.
Што членовите на кралското семејство не смеат да јадат кога патуваат?
Членовите на кралското семејство имаат и строги правила за тоа што смеат да јадат кога патуваат, а на врвот на листата на намирници што треба да се избегнуваат се школки поради високиот ризик од труење.
„Многу е разумно да не се консумира морска храна кога сте на некоја јавна должност. Не сакаме ниту еден член на кралското семејство да добие сериозна реакција од труење со храна, особено ако е на турнеја во странство“, истакнува поранешниот батлер на кралското семејство Грант Харолд.

Познато е и дека покојната кралица не била љубител на тестенини или компири, а исто така никогаш не јадела лук поради можен лош здив.
Од друга страна, кралот Чарлс во 2008 година вовел забрана за подготовка на специјалитетот фоа гра, односно паштета од патка или гуска, поради благосостојбата на овие птици.
Кралот Чарлс со децении повторува неколку исти намирници за појадок
Уште еден поранешен готвач, Дарен Мекгрејди, ги открил навиките на кралот Чарлс кога станува збор за појадок – тој секогаш јаде свежи локални производи.
„Обично го започнува денот со овошје, често сливи од градината кои се лесно поширани. Со тоа пие малку сок и малку мусли“, изјавил Мекгрејди.

Њуболд, пак, ја дополнува сликата за појадокот на сегашниот монарх. „Каде и да патува кралот, кутијата за појадок оди со него. Во неа секое утро има шест различни видови мед, специјални видови мусли, сушено овошје и сета таа специјална храна околу која е малку пребирлив“, истакнал тој.













