Маж кој за само 40 дена двапати останал без работа поради вештачка интелигенција предупредува дека „ниедна индустрија не е сигурна“. Лијам Ронди (30) две години работел како копирајтер, а потоа добил повик во кој му било соопштено дека станал технолошки вишок. Истата недела „Press Gazette“ објави дека неговата компанија отпуштила дел од писателите и ги заменила со уредници кои користат вештачка интелигенција.
„Немав поим дека ќе добијам отказ“
Лијам вели дека „немал поим“ дека ќе добие отказ, но подоцна сфатил дека требало да ги препознае предупредувачките знаци. Меѓу нив биле воведување обука за работа со вештачка интелигенција и одлуката на компанијата писателите да уредуваат содржини создадени од AI наместо сами да ги пишуваат од нула.
По првиот отказ, Лијам веднаш нашол друга хонорарна работа како копирајтер, но набрзо добил е-пошта во која компанијата го известува дека „повеќе нема да ангажира хонорарни писатели“ и дека наместо тоа ќе користи алатки на вештачка интелигенција. Тој смета дека замената на луѓето во креативните професии е „одвратна“.
Нагласува дека вештачката интелигенција моментално не може квалитетно да ја извршува таа работа и дека исправката на неточна содржина, особено кај чувствителни теми, одзема повеќе време отколку самиот да го напише текстот.
Лијам, кој во 2024 година со сопругата Ксавиера се преселил од Лондон во Монпелје, предупредува дека никој не треба да се чувствува сигурно. „Сите мора да бидат на штрек, бидејќи компаниите секогаш ќе се стремат кон намалување на трошоците, а ако тоа значи да се ослободат од луѓе поради нешто што е помалку способно – нека им биде“, порача тој.
Чувство на предавство и разочарување
„Се чувствувам изневерено и потценето. Никогаш не очекував дека ова ќе ми се случи мене, но може да му се случи на секого. Губењето на втората работа беше многу пострашно бидејќи тоа беше последниот хонорарен ангажман што го имав. Фактот дека и тие толку брзо се одлучија за вештачка интелигенција, веднаш откако останав без главната работа, беше како шлаканица. Тоа ме натера сериозно да размислам за преквалификација во сосема поинаква кариера“, изјави Лијам.
„Исто така сум фрустриран и загрижен поради недостигот на можности на пазарот. Се прашувам дали е време за промена на кариерата, иако и понатаму го сакам копирајтингот и сметам дека е навистина важен“, додаде тој.
„Никогаш не сум се грижел за сигурноста на работата. Само пред две години, кога ја најдов последната работа, имаше многу огласи, а сега речиси и да нема. Повеќето работни позиции на кои аплицирав на некој начин вклучуваат вештачка интелигенција, па колку и да сакам да ја избегнам – не можам. Таа е насекаде.“
AI сè уште не е на висина на задачата
Лијам, копирајтер со девет години искуство, ја споделил својата приказна на „LinkedIn“ и сега, како што вели, има нов хонорарен ангажман во компанија која има критички став кон користењето на вештачка интелигенција. „Гледам дека вештачката интелигенција може да има предности во забрзување на процесите“, рече тој. „Гледам потенцијал да им го олесни животот на луѓето и треба внимателно да се развива. Но кога краде човечка уметност и работни места – тоа е дефинитивно одвратно. Тука е и влијанието врз животната средина.“
„Се плашам дека сè поретко ќе добиваме нови идеи и дека AI никогаш нема да биде ефикасна како човекот, дури и ако нам понекогаш ни треба повеќе време. Во моментов таа само краде содржина и го преработува она што веќе постои. Според моето искуство, "AI" не беше способна квалитетно да ја извршува мојата работа, дури ни со најновите и најдобрите модели“, појасни тој.
„Имаше толку многу грешки и фактички неточности што би потрошил исто, ако не и повеќе време на проверка и исправка. AI само повторуваше содржина што веќе ја создала друга AI , односно работи што веќе биле неточни. Тоа стана бесконечен круг. Беше прилично застрашувачки.“

Предупредување за нагол пресврт
Еден од мотивите на Лијам за зголемување на присуството на социјалните мрежи е желбата да ги предупреди луѓето на знаците што најавуваат доаѓање на вештачката интелигенција и како да препознаат дали нивната работа е загрозена. „Политиката на компанијата отсекогаш беше дека секој што користи вештачка интелигенција за пишување ќе добие отказ. А потоа се случи овој нагол пресврт и моравме да ја прифатиме“, раскажа тој.
„Организираа обука. На почетокот тоа беше комбинација од вештачка интелигенција и содржина што ја пишуваат луѓе, но нивната главна цел беше да произведуваат содржина што е можно побрзо. Мислам дека во моментов ниту една индустрија, освен онаа што се базира на рачен труд, не е сигурна. Вештачката интелигенција напредува со застрашувачка брзина, а компаниите се премногу избрзани во прифаќањето на ваквите решенија.“










