[ВИДЕО] Пожар го проголта покривот на познатата сала што ја знае целиот свет: Погледнете ги снимките што се шират на мрежите

Точка

09/04/2026

15:48

591

Големина на фонт

а а а

Пожар ја зафати салата Велодромо, позната спортска арена во Рио де Жанеиро, во која се наоѓаат непроценливи спортски меморабилии, но и објект каде што се одржуваа Олимписките игри во 2016 година.

Снимките од пожарот масовно се споделуваа на социјалните мрежи, а пожарникарите со големи напори успеаја да го стават под контрола.

Голем пожар избувнал во средата во раните утрински часови на покривот на Велодромо во Олимпискиот парк во Рио де Жанеиро, клучен објект изграден за Игрите во 2016 година, кој денес служи како главен тренинг-центар за бразилските спортисти. Густ чад се издигнал над спортскиот комплекс, а на терен биле ангажирани голем број пожарникари. За среќа, во инцидентот нема повредени.

Воената противпожарна служба на државата Рио де Жанеиро примила пријава во 04:17 часот по локално време, по што на интервенција биле испратени околу 80 пожарникари со дваесетина возила. Огнот ја зафатил специфичната кровна конструкција од платно, односно ПВЦ-мембрана, а пожарникарите се бореле со огнот и однадвор и одвнатре. Главен приоритет бил да се заштити непроценливата колекција на Олимпискиот музеј сместен во рамките на Велодромо.

„Сликите се алармантни, но сакам да ја уверам јавноста дека музејот практично е сочуван“, изјави градоначалникот на Рио, Едуардо Кавалијере, кој го пофали напорот на пожарникарите.