Низ својата богата историја, Вирцбург се менувал и се развивал. Процутел во средниот век благодарение на трговијата, бил црковен центар во кој живееле истакнати бискупи, а подоцна се наметнал и како универзитетски град. И денес во него живеат голем број студенти.
Вирцбург е шармантен ридест град во Долна Франконија, во германската сојузна покраина Баварија – се простира на околу 87 квадратни километри долж бреговите на реката Мајна, на надморска височина од 177 метри. Сместен е приближно на половина пат помеѓу Франкфурт на Мајна и Нирнберг.
Ова подрачје било населено уште во осмиот век – првпат во пишани извори се споменува во 704 година како „Virteburch“. Се верува дека локалното население со текот на времето го променило и прилагодило тоа келтско име во Вирцбург, што во директен превод од германски значи „растителна тврдина“, бидејќи на ридовите околу градот растеле лековити билки и бројни зачини.
Името на градот е тесно поврзано и со неговата положба – Вирцбург се развил околу тврдината на ридот Мариенберг, која и денес претставува голема туристичка атракција. Тврдината е симбол на градот, а речиси пет века служела како седиште на кнезовите-бискупи. Денес е претворена во музеј и дел од прекрасен парк, па важи за едно од местата што задолжително треба да се посетат во Вирцбург.

Што треба да се види?
Повеќето историски знаменитости се наоѓаат во стариот дел од градот. Истражете го пространиот плоштад Марктплац, каде често се одржуваат различни саеми и манифестации. Прошетајте низ главната пешачка зона и уживајте во прекрасните барокни и рококо фасади на зградите, карактеристични за ова подрачје.
Посетете ја капелата Света Марија – готска градба од 14 век, црквата Нојминстер и романтичната катедрала Свети Килијан – заштитникот на Вирцбург. Секако, вреди да се разгледа и дворецот во Вирцбург, кој е вклучен на листата на светско наследство на „UNESCO“ во Европа.
Имајте предвид дека Вирцбург бил речиси целосно уништен во Втората светска војна. Околу 90 проценти од градот биле претворени во урнатини по британското бомбардирање во март 1945 година. Со помош на фотографии, историски записи и сведоштва на преживеаните, градот е обновен толку успешно што денес речиси и не може да се забележи дека некогаш бил разрушен.

Што треба да се проба?
Голема туристичка атракција е мостот Алте Мајнбруке, кој го поврзува стариот дел од градот со тврдината Мариенберг. Станува збор за најстариот мост преку Мајна, украсен со 12 статуи на светци, поставени по наредба на Фридрих Карл фон Шенборн.
По овој мост, кој наликува на Карловиот мост во Прага, можете да прошетате или да возите велосипед, а задолжително застанете и испијте чаша вино. Локалното население оваа традиција ја нарекува „Brückenschoppen“.

Чаша вино можете да купите во гостилницата „Gasthaus Alte Mainmühle“ на почетокот од мостот, а потоа да уживате со другите туристи во прекрасниот поглед кон градот и околните лозја.
Тука можете да пробате и некои од популарните баварски специјалитети – од бистра супа со месни кнедли („Klößchensuppe“), преку домашни колбаси, до печена свинска коленица („Schweinshaxe“), која се служи со кнедли од компири, кисела зелка и богат сос од пиво.
Седнете и во некоја од многубројните пивски градини и уживајте во пилснери и лагери од локалните пиварници.














