Ќерката на Шумахер 12 и пол години подоцна проговори за животот по страшната скијачка несреќа: По несреќата на татко ми …

Точка

04/04/2026

10:16

1.153

Големина на фонт

а а а

Џина Шумахер за првпат проговори за животот по тешката несреќа на својот татко Михаел Шумахер.

Да потсетиме, легендарниот возач во Формула 1 на крајот од 2013 година доживеа тешка повреда при скијање, која резултираше со сериозни повреди на главата и мозокот.

Еден од најголемите возачи на сите времиња, на барање на семејството, целосно се повлече од јавниот живот. За неговата состојба се знае многу малку, а навивачите и светските медиуми шпекулираат дали и како Михаел Шумахер воопшто може да комуницира.

Џина (29) е една од водечките жени во светот на коњичкиот спорт, а во документарецот што ќе биде посветен на неа и нејзината кариера, зборуваше за деновите по несреќата.

„По несреќата на татко ми, навистина целосно се посветив на јавањето, затоа што морав нешто да правам. Коњите отсекогаш биле важни. Но од тогаш навистина станаа … Мислам, не би можела без нив. Тие ми помогнаа да поминам низ сè“, изјави Џина Шумахер.


Во документарецот зборуваше и Корина Шумахер, сопругата на Михаел.

„Михаел еднаш ми рече, кога Џина имаше десет години: ’Џина ќе биде многу подобра од тебе. Затоа што е посебична‘. Ако си спортист, мораш да бидеш себичен на одреден начин. И тоа е одлично. Инаку нема да постигнеш ништо“, изјави Корина Шумахер.

Џина ја истакна и благодарноста кон своите родители.


„Благодарна сум што можам да го правам ова. Затоа што тоа не е нешто што се подразбира. Моите родители ми го овозможија тоа. Затоа отсекогаш ми беше важно да работам напорно за да го правам тоа најдобро што можам.“

Ќерката на славниот спортист откри и дека нејзината мајка ја дели љубовта кон коњичкиот спорт.

„Имаше коњ порано, и кога бевме помали, сакаше повторно да почне. Но сакаше безбеден коњ. Потоа беше во Дубаи со татко ми и јаваа арапски коњи. Татко ми падна од еден. Таму имаше ’Quarter Horse‘ кој ги смируваше другите. И тогаш мајка ми рече дека сака таков коњ“, раскажа Џина Шумахер.


Животната приказна на Михаел Шумахер

Михаел Шумахер е роден на 3 јануари 1969 година во Хирт, во покраината Северна Рајна-Вестфалија, во западна Германија.

Неговиот татко Ролф бил сопственик на локална картинг-патека во Керпен, па Михаел уште на четири години ги возел своите први картинг трки. Болидот му го изработил неговиот татко.

На шест години ја освоил својата прва титула.

На 15 години почнал да вози во германските и европските серии во картинг, а во светот на формулата влегол четири години подоцна. Почнал во серијата „Formula Ford“, а потоа преминал во „Formula 3“, каде во 1990 година ја освоил титулата.


Дебито во Формула 1 под необични околности

Кариерата во Формула 1 ја започнал во 1991 година, возејќи за тимот „Jordan“. И тоа по случајност – Шумахер го заменил Бертран Гашо, кој завршил во британски затвор по конфликт со полицаец.

За дебито да биде уште поинтересно, се погрижил неговиот менаџер Вили Вебер, кој го убедил сопственикот Еди Џордан дека младиот возач добро ја познава патеката во Белгија – иако Шумахер никогаш претходно не возел таму.

На трката за Големата награда на Белгија ја освоил седмата стартна позиција, но се откажал по само околу 300 метри поради дефект на спојката.

Истата година постигнал договор со Флавио Бријаторе и во сезоната 1992/1993 преминал во тимот „Benetton“.

Сезоната ја завршил на третото место со освоени 53 поени.

Првите титули со „Benetton“

Првата светска титула ја освоил во 1994 година со осум победи и 92 поени. Тогаш возел за „Benetton-Ford“. Таа сезона беше трагична, бидејќи на трката во Имола загина легендарниот возач Аиртон Сена. Во моментот на несреќата, зад него се наоѓал болидот на Михаел Шумахер, кој подоцна ќе стане најтрофејниот возач во историјата на Формула 1.

Следната година, 1995, ја одбрани титулата, при што „Benetton“ користеше „Renault“ мотори.


Од „Ferrari“ создаде легенда

Во 1996 година премина во „Ferrari“. Од тогаш не толку конкурентниот тим направи светски шампион, освојувајќи пет последователни титули од 2000 до 2004 година.

Со овој подвиг влезе во историјата како единствениот возач со седум светски шампионски титули во најпрестижната категорија на мотоспортот.

По Големата награда на Италија во 2006 година се повлече од Формула 1, но се врати во 2010 како возач на тимот „Mercedes“.

Несреќата при скијање

Во декември 2013 година доживеа несреќа при скијање на Алпите во Франција. По падот и ударот во карпа, доби сериозни повреди на главата и мозокот и западна во кома.

Иако првично бил свесен, подоцна паднал во повеќемесечна кома. Од комата излезе во јуни 2014 година, а во септември истата година беше префрлен на домашно лекување во Лозана.

Од тогаш се шпекулира каде точно се наоѓа – дали во Швајцарија или во Шпанија, каде исто така има куќа.

Семејството ја крие вистинската состојба

Неговото семејство, особено сопругата Корина, строго внимава во јавноста да не излезе никаква информација за неговата здравствена состојба, ниту пак фотографии или видеа.

На почетокот на 2025 година, суд во германскиот град Вупертал осуди тројца мажи за обид за уцена на семејството Шумахер.

Тие се заканувале дека ќе објават приватни фотографии и видеа доколку не добијат 15 милиони евра. Истражителите заплениле 900 фотографии и речиси 600 видеа, како и дигитализирана медицинска документација.

И покрај бројните шпекулации низ годините, вистината е дека никој не знае во каква состојба денес се наоѓа Михаел Шумахер.