Шкотскиот актер Џејмс Мекавој ја изненади јавноста со признанието дека уште пред четири години станал татко по вторпат, а веста досега успешно ја држел далеку од очите на јавноста.
Актерот открил дека со сопругата Лиза Либерати пред четири години добил син, со што нивното семејство, далеку од очите на јавноста, станало побројно. Оваа 46-годишна ѕвезда проговори за татковството во четириесеттите години, споредувајќи го со искуството што го имал кога првпат станал татко. Имено, со поранешната сопруга Ен-Мари Даф има 15-годишен син Брендан.

„Во некои аспекти, да имаш дете на 42 години дефинитивно е полесно. Помалку се грижам. Малку повеќе филозофирам. Но, истовремено е и потешко бидејќи едноставно си постар и поизморен“ изјавил тој за „Гардијан“.
Тој додал и дека балансирањето меѓу родителството и актерската кариера носи специфични предизвици. „Сега повторно го поминувам целиот тој стрес од првото родителство, но во четириесеттите. За време на снимања знаев да се будам во 2:30 наутро со филмот што ми зуи во главата“, признал актерот.
Живот меѓу Лондон и Филаделфија
Мекавој и Либерати денес живеат меѓу Лондон и Филаделфија, каде што живее нејзиното семејство. Двојката се запознала за време на снимањето на трилерот „Split“ во режија на М. Најт Шајамалан, каде што Мекавој ја имал главната улога, а Либерати работела како асистентка во продукција. Во тоа време актерот сè уште бил во брак со Ен-Мари Даф, но веќе биле во процес на разделба по 11 години заеднички живот.

Откако разводот бил финализиран, Мекавој и Либерати ја потврдиле својата врска со објави на социјалните мрежи. Уште во 2019 година се појавиле гласини дека се венчале, но актерот бракот официјално го потврдил дури во 2022 година.
Кариера и замор
Зборувајќи за кариерата, Мекавој истакнал дека почетокот на професионалниот пат го смета за „игра за младите“. „Тоа е време кога работиш најмногу, остануваш буден до доцна, даваш сè од себе – и обично тогаш си во дваесеттите“, рекол актерот. Денес, покрај семејните обврски, признава дека не е лесно да се одржи истото темпо.
Во меѓувреме, Мекавој направил и нов исчекор во кариерата. Неодамна дебитирал како режисер со филмот „California Schemin‘“, музичка биографска приказна за двајца Шкоти кои ја измамиле музичката индустрија претставувајќи се како калифорниско рап-дуо.

















