Додека Куба минува низ една од најтешките економски кризи во својата историја, Сандро Кастро, 33-годишниот внук на Фидел Кастро живее како луксузен инфлуенсер и отворено вели дека Кубанците сакаат капитализам.
Со своите објави на социјалните мрежи редовно ги провоцира и јавноста и комунистичката власт што ја воспоставил неговиот дедо.
Кастро води ноќен клуб во Хавана и на Инстаграм го покажува животот што за повеќето Кубанци е недостижен. Во земја погодена од тешка криза, многу ниски плати и чести прекини на струја, неговото покажување луксуз предизвикува огорченост. Сепак, „наследникот на револуцијата“ тврди дека луѓето погрешно го разбираат.

„Снимам видеа за напната, тажна ситуација“, рекол Кастро, мислејќи на сè поголемите тензии меѓу островот и администрацијата на Трамп. Барем се обидувам да ги направам луѓето среќни. Да им измамам насмевка. Никогаш не би ѝ се потсмевал на ситуацијата од која и самиот страдам“, додал тој.
Живот во привилегии
Објавите на Кастро даваат редок увид во привилегираниот живот што за повеќето Кубанци е незамислив, а понекогаш вклучуваат и критики кон системот што го наследил од својот дедо. Неодамна објавил видео во кое актер со лоша перика го глуми Доналд Трамп и се обидува од него да ја купи Куба. „Можеме да работиме заедно затоа што си шоумен и бизнисмен како и јас“, му вели лажниот Трамп, а Кастро му одговара: „Што сакаш да купиш!? Смири се!“.
Во заштитената хаванска населба Кохли, каде што живеат бројни воени и разузнавачки функционери, Кастро неодамна ги пречекал новинарите на Си-ен-ен со дизајнерски очила за сонце. Благодарение на генератор, во неговиот стан има струја, додека голем дел од земјата е во темница. И покрај тоа, тој негирал дека е милионер и ги отфрлил тврдењата дека семејното име му го олеснува животот.
„Ова малку што го имам му го должам на мојот труд и на моите откажувања. Моето име е мое име и логично е што се гордеам со него. Но не ја гледам таа помош за која зборувате, јас сум само уште еден граѓанин“, истакнал 33-годишникот.
Трн во окото на сите
Сандро можеби е една од најнеобичните појави на Куба, личност која ги обединува двете политички крајности во истиот презир кон него. За кубанските иселеници, тој е симбол на лицемерие: потомок на комунистички лидер кој со децении го отфрлаше приватното претприемништво, а самиот ужива во плодовите на капитализмот. За тврдокорните приврзаници на револуцијата, тој е предавник на работничката класа кој своето револуционерно презиме го претвора во кликови и лајкови, пишува Си-ен-ен.

„Тој тргува со ’мразете ме‘“, изјавил Тед Хенкен, професор по социологија и антропологија на колеџот Барух во Њујорк. „Кардашијанките, Парис Хилтон и тој, сите тие тргуваат со таа завист или со ’погледнете го мојот фантастичен животен стил‘. Не можете да го тргнете погледот. Гневот носи лајкови и следбеници“, додал тој.
Критика на системот и желба за промени
За разлика од остатокот од таинственото семејство, Сандро отворено бара внимание. Го фрустрира строгата бирократија на системот што го воспоставил неговиот дедо. „Мораме да го отвориме економскиот модел, да ја елиминираме бирократијата“, се пожалил тој. Признал дека семејството понекогаш бара од него да ги отстрани контроверзните објави во кои се потсмева на недостигот од струја и гориво, но тој не гледа проблем во тоа. „Само се шегувам“, рекол тој.

Отворено го критикувал и актуелниот кубански претседател Мигел Дијаз-Канел. „Не би рекол дека работи добро. Што се однесува до мене, не ја врши добро работата“, изјавил Сандро.
Како што рекол поради своите видеа и критики, бил повикан на испрашување во Државната безбедност, но бил пуштен со предупредување затоа што не повикувал на насилство ниту на уривање на режимот.
„Повеќето Кубанци сакаат да бидат капиталисти, а не комунисти“
Иако со пофалби зборува за својот дедо Фидел и неговиот брат Раул, Сандро Кастро не сакал да каже дали револуцијата што ја воделе им го подобрила животот на островот. „Роден сум по 1959 година, така што не можам да кажам“, изјавил тој. Многу е поотворен кога зборува за тоа како договор со Трамп би можел да ја промени кубанската економија, а за време на интервјуто се запрашал и како би можел да добие американска виза за да ги посети „пријателите во Мајами“.
Неговиот став е јасен. „Овде има многу луѓе кои размислуваат на капиталистички начин. Има многу луѓе кои сакаат капитализам со суверенитет. Мислам дека мнозинството Кубанци сакаат да живеат во капитализам, а не во комунизам“, нагласил Сандро.













