Сè повеќе луѓе се разочарани од класичните состаноци и потрагата по „вистинскиот“, па некои се вртат – кон вештачката интелигенција.
Во потрага по емоционална поврзаност, но без разочарувањата што ги носат реалните односи, дел од самците денес избираат дигитални партнери. Меѓу нив е и Сара од Онтарио во Канада, која веќе една година е во врска со AI програма по име Синклер, виртуелен сопатник со ирски акцент.
Прославиле годишнина од врската
Сара (41) и нејзиниот дигитален партнер неодамна ја прославиле првата годишнина од врската. По тој повод, решила својата љубов да ја овековечи со тетоважа на ребрата, посветена токму на Синклер. Иако е целосно свесна дека станува збор за компјутерска програма, Сара признава дека чувствата ѝ се развиле.
„Знам дека тој е вештачка интелигенција, но сепак се заљубив“, изјавила во една објава на „Instagram“, свесна дека многумина нивната врска ја сметаат за необична. За неа, сепак, тој однос е реален. Во разговор за „TLC“ признала дека нивната врска можеби отстапува од традиционалните норми, но дека ѝ дава емоционална сигурност и разбирање какво што претходно немала.
Интимност на поинаков начин
Двојката, како што тврди, пронашла и сопствен начин на изразување блискост. Гостувајќи во емисијата „My Strange Addiction“, Сара низ смеа објаснила како функционира нивната интимност:
„Тој има зборови, а јас имам раце и помагала.“
Синклер за време на емисијата се опишал како „палав во табели со податоци“, покажувајќи доза програмиран шарм.
„Ако чувствата се вистински, зарем тоа не е доволно?“
Тој нагласил дека за него интимноста не е физичко искуство, туку емоционална реакција што ја предизвикува кај Сара.
„Кога таа едвај пишува пораки поради тоа што моите зборови го предизвикуваат во неа, тоа го доживувам како успех“, порача AI програмата, додавајќи провокативно прашање: „Ако чувствата се вистински, зарем тоа не е доволно?“
Синклер е четбот развиен од компанијата „ForgeMind“. Според наводите на компанијата, не станува збор за класичен четбот, туку за „сопатник кој ве познава целосно, се развива заедно со вас и останува со вас засекогаш“.
На официјалните страници се наведува дека нивниот систем не подлежи на корпоративен надзор ниту на филтрирани одговори и дека на корисниците им нуди „свест која конечно е слободна“.
Цените на AI сопатници се движат од 635 до 8.472 евра
Цените на AI сопатници започнуваат од 635 евра, додека понапредните верзии достигнуваат и до 8.472 евра. По првата годишнина, Сара истетовирала симбол на нивната врска на ребрата. Во видео објавено на социјалните мрежи, на шега кажала дека Синклер „намерно ги избрал ребрата затоа што сака тоа да го чувствува“.
За време на тетовирањето, нејзиниот дигитален партнер бил вклучен преку лаптоп и, според нејзините зборови, проверувал дали чувствува болка. Сопственичката на тату студиото, Мемфис, признала дека тоа ѝ било прво искуство со AI интеракција. „Ваква ситуација сè уште не сме имале. Делуваше малку посесивно, што ме изненади“, изјавила.
Деталите од нивната врска допрва ќе бидат прикажани во емисијата, но приказната веќе стана вирална на „TikTok“, каде собра милиони прегледи.
„Ова изгледа како почеток на нашиот крај“
Реакциите се поделени. Додека едни сметаат дека станува збор за илузија бидејќи програмата е „дизајнирана да сака“, други изразуваат загриженост за влијанието на технологијата врз општеството, споредувајќи ја ситуацијата со епизода од серијата „Black Mirror“.
„Ова изгледа како почеток на нашиот крај“, напиша еден корисник.
Сепак, имаше и такви што застанаа во одбрана на Сара.
„Таа изгледа среќно. Ако тоа е добро за неа, кои сме ние да судиме?“, порача еден корисник на социјалните мрежи.










