Карлос Алкарас ги освои првите два големи турнири во 2026-та година, а кога се чинеше дека изгледа несопирливо на АТП турот, светскиот рекет број еден доби одговор од Јаник Синер.
Италијанецот потврди дека ужива да игра на тврда подлога и тоа го покажа за две освоени титули на двата Мастерс турнири од серијата 1000, а овој што рано утрово го освои во Мајами го стави во посебно друштво.
Јаник Синер претходно го освои Индијан Велс и најави дека се враќа во посакуван ритам, но со титулата во Мајами го комплетираше таканаречниот „Саншајн дабл“, епитет кој се дава за шампионите на двата Мастерс турнири во Америка.
SUNSHINE DOUBLE 🌴
— Tennis TV (@TennisTV) March 29, 2026
WITHOUT LOSING A SET 😱
The moment @janniksin completed a historic #MiamiOpen title! pic.twitter.com/b5o1mN3kf4
Синер стана осмиот тенисер кој ги освоил Индијан Велс и Мајами во иста година, односно прв од 2017-та година и потфатот на Рожер Федерер.
Во финалето, Синер не му даде шанса на Јержи Лехечка и славеше со 6:4 и 6:4, а со тоа дополнително го зголеми својот рекорд по бројот на освоени сетови во низа на турнирите од Мастерс серијата 1000.
Италијанецот дојде до 34 освоени сета во низа, а воедно и до 17-та победа во низа на турнирите од најсилна Мастерс серија.
Покрај Синер, „Саншајн дабл“ во иста година имаат освоено Федерер, Ѓоковиќ, Агаси, Риос, Сампрас, Чанг и Куриер.








