[ВИДЕО] Арнолд Шварценегер жестоко тренира за враќање во култна улога: Не застанува ни во осмата деценија

Точка

23/03/2026

18:11

619

Големина на фонт

а а а

Легендарниот актер Арнолд Шварценегер ниту на 79 години не забавува. Интензивно тренира за да се врати на филмското платно во долгонајавуваното продолжение на култниот филм „Конан“.

Станува збор за проектот „Кралот Конан“, кој се развива со децении и треба да го следи остарениот воин пред нови предизвици и битки.

Шварценегер, според медиумите, е решен повторно да се доведе во врвна форма за улогата што му ја одбележа кариерата.

Да потсетиме, филмот „Конан Варваринот“ од 1982 година, приказна за воин кој бара одмазда за убиството на своите родители и поробувањето на својот народ, го лансираше Шварценегер меѓу најголемите холивудски ѕвезди.

Интересно е што во раните фази за главната улога биле разгледувани Чарлс Бронсон и Силвестер Сталоне, но продуцентите ја смениле одлуката откако го погледнале документарецот „Pumping Iron“.

Се покажа дека изборот бил полн погодок – филмот заработи околу 79 милиони долари и му ги отвори вратите на Шварценегер кон големите проекти.

Веќе во 1984 година беше снимено продолжение, а истата година Шварценегер дополнително го зацврсти својот статус на акциона икона со улогата во „Терминатор“.


Обидот за оживување на франшизата во 2011 година, кога главната улога ја толкуваше Џејсон Момоа, не ги исполни очекувањата на кино-благајните.

И покрај поодминатите години и здравствените предизвици, кои вклучуваат проблеми со зглобовите, операции на срцето и вграден срцев стимулатор, Шварценегер продолжува со интензивни тренинзи.

Како што наведуваат медиуми како „Men’s Health“, неговата посветеност кон вежбањето и понатаму е на високо ниво, што потврдува дека за овој актер враќањето во форма никогаш не било доведено во прашање.