Николоски: Штип и источниот дел на Македонија добиваат прво туристичко вештачко езеро, ќе биде завршено во 2027

Макфакс

22/03/2026

12:28

556

Големина на фонт

а а а

Изградбата на браната на реката Отиња кај Штип влегува во завршна фаза, со што источниот дел на државата наскоро ќе добие прво рекреативно вештачко езеро. Станува збор за капитален проект кој, покрај туристичката функција, ќе има значајна улога и во наводнувањето и водоснабдувањето во регионот – истакна при денешниот увид во работите, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

Според вицепремиерот, овој проект има потенцијал да стане главна туристичка атракција во источниот регион.

-Ова ќе биде прво рекреативно вештачко езеро во источниот дел на државата, ова ќе биде езеро кое што треба да го развие туризмот во целиот овој регион, да претставува главна туристичка атракција во текот на летото за жителите од источниот дел на државата, но исто така во текот на годината да се користи за рекреација, тука да доаѓаат луѓе, и секако да се отвараат нови работни места, рече Николоски.

Покрај туристичката димензија, се разгледуваат и идеи за уредување на просторот околу езерото, со дополнителни содржини за посетителите.

-Секако, езерото ќе служи и за наводнување, ќе служи и доколку е потребно во одредени критични периоди и за решавање на проблемот со водоснабдување, а разговаравме и за уредување на просторот околу езерото, веќе размислуваме и на таа фаза. Би се искористил трупот на браната, како патека која што ќе оди од едниот до другиот крај на езерото и да се поврзува со Штип, додаде заменик претседателот на Владата.

Изградбата на браната е во напредна фаза, а Николоски не ја исклучува можноста за завршување на проектот пред предидениот краен рок.

-Драго ми е дека до денес имаме 70% реализација на овој проект, крајниот рок е април 2027 година, но доколку не’ послужат временските услови, можеби уште оваа година ќе го завршиме езерото, а потоа е потребно една година да се наполни, што би значело дека некаде пролетта 2028 година овдека да видиме езеро, што навистина ќе биде атракција, посочи Николоски.

Станува збор за втор ваков проект кој го гради оваа Владата, заедно со изградбата на вештачкото езеро во Конско кај Гевгелија.

-Вкупниот буџет за изградба на овој проект е 448 милиони денари, обезбедени од страна на Владата преку Министерството за транспорт, а до денес се реализирани 311 милиони денари, имаме доволно средства во буџетот за да целосно го завршиме овој проект, заврши Николоски, кој упати благодарност до локалната и централната власт за соработката и постојаната координација околу изградбата на овој исклучително значаен за Истокот на земјата проект.