Американски воени бродови поминале низ Ормускиот теснец – Иран: Повлечете се, имате 30 минути

Точка

11/04/2026

16:15

1.986

Големина на фонт

а а а

Неколку воени бродови на американската морнарица денеска поминале низ Ормускиот Теснец, потврди американски претставник.

Тој потег, кој не бил координиран со Иран, го означува првото минување на американски воени бродови низ теснецот од почетокот на војната, пишува Аксиос.

Според изворите, целта на операцијата била да се поттикне довербата кај трговските бродови за да продолжат со пловидбата. Операцијата е изведена во момент кога во Пакистан се одвиваат мировни преговори меѓу двете страни. „Станува збор за операција чија цел е да обезбеди слобода на пловидба во меѓународните води“, изјавил американски претставник.

Иран: Американскиот разурнувач се повлекол од Ормускиот теснец по предупредување

Иран, пак, објави дека американскиот разурнувач се повлекол од Ормускиот теснец откако му било упатено остро предупредување. Според иранските наводи, вооружените сили го забележале движењето на воениот брод од пристаништето Фуџајра и за тоа ја известиле својата преговарачка делегација, пишува Тасним.


Техеран потоа, преку пакистански посредник, порачал дека разурнувачот ќе биде гаѓан во рок од 30 минути ако продолжи да плови кон теснецот. Набргу потоа, американскиот брод го запрел движењето, а потоа и се свртел, што иранската страна го припишува на својата решителна реакција и пренесените предупредувања.

Клучна точка на примирјето

Повторното отворање на теснецот е клучна ставка од договорот за прекин на огнот меѓу САД и Иран. Тој тесен пловен пат долж јужниот брег на Иран е од пресудно значење за нормалното функционирање на глобалната економија.

Меѓутоа, во деновите по прогласувањето на примирјето, многу малку бродови поминале низ теснецот. Еден американски претставник претходно оваа недела признал дека бродовите не минувале поради иранско заплашување.


Трамп најави расчистување на мините

Претседателот Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“ објави дека заканата оти бродовите би можеле да „налетаат“ на морски мини била единственото нешто со кое Иран можел да ги одврати од минување низ теснецот.

„Сега го започнуваме процесот на расчистување на Ормускиот теснец како услуга за земјите ширум светот, вклучувајќи ги Кина, Јапонија, Јужна Кореја, Франција, Германија и многу други“, напиша тој.