Откриен методот со кој Израелците ги „отстрануваат“ иранските функционери: Некои пред ликвидацијата примиле повик

Точка

18/03/2026

21:22

1.834

Големина на фонт

а а а

Али Лариџани, еден од највисоките ирански безбедносни функционери, во петокот самоуверено се појави меѓу поддржувачите на режимот во центарот на Техеран, пишува „Волстрит џурнал“.

Во темен капут и очила за сонце изгледал како човек кој ја контролира ситуацијата, иако веќе тогаш бил означен како една од главните цели.

„Храбар народ, храбри функционери и храбри лидери – таква комбинација е невозможно да се победи“, истакнал тој на социјалните мрежи.

Само четири дена подоцна бил убиен. Вчера во раните утрински часови израелските разузнавачки служби го лоцирале во засолниште на периферијата на Техеран и го ликвидирале со прецизен ракетен удар.

Истиот ден следувал уште еден удар. Благодарение на дојава од обични граѓани, Израелците откриле каде се криел Голамреза Солеимани, командант на злогласната милиција Басиџ. Со неколку соработници се наоѓал во шатор во шумско подрачје на Техеран, место каде што биле присилени да отидат по повеќедневното разурнување на нивните бази. Набрзо и тој бил убиен.

Стратегија на исцрпување: илјадници цели, илјадници жртви

Од самиот почеток на војната израелските и американските лидери јасно ставија до знаење дека целта не е само воена победа, туку и создавање услови за колапс на иранскиот режим. Ликвидацијата на клучните луѓе во вторникот претставува важна пресвртница во оваа стратегија.

Според документите до кои дошол „Волстрит џурнал“, Израел спроведува обемна и систематска кампања. Целта не е само уништување на инфраструктурата, туку и распарчување на целиот безбедносен апарат – од врвот до најниските нивоа.


Досега се испукани околу 10.000 проектили на илјадници цели, вклучувајќи повеќе од 2.200 поврзани со Револуционерната гарда, Басиџ и други безбедносни структури. Процените зборуваат за илјадници убиени и ранети.

Израелската тактика се темели на постојан притисок: безбедносните сили прво се протеруваат од нивните седишта, потоа се следат до местата за собирање, а потоа до импровизирани засолништа каде повторно стануваат мети.

Поделба на улоги: САД и Израел напаѓаат различни цели

Војната започна со силен удар во самото срце на режимот со убиството на врховниот водачи Али Хаменеи, а во соработка со САД ракетните системи и противвоздушната одбрана на Иран брзо биле уништени.

Потоа следувала јасна поделба на задачите. Додека САД се фокусирале на воената и индустриската инфраструктура, Израел ги презел операциите насочени кон внатрешна контрола на режимот – полиција, специјални сили и паравоени формации.

Веќе вториот ден израелските авиони започнале систематски да ги уништуваат командните центри на Револуционерната гарда, Басиџ и специјалната полиција. Сите биле цел на нападите – од елитните единици задолжени за заштита на главниот град до локалните полициски станици во населбите на Техеран. Додека нивните бази биле уништувани, иранските власти активирале резервен план: собирање во спортски објекти. Но, израелската разузнавачка служба брзо ја открила тактиката.


Израел ги следел движењата и чекал објектот да се наполни, а потоа ги нападнал. Меѓу најтешките удари беше нападот на стадионот Азади, каде биле убиени стотина припадници на безбедносните сили и војската.

Слични сцени беа снимени и на други локации, каде што телата на безбедносните сили лежеа пред зградите по нападите. Истовремено, болниците беа преплавени со ранети. Според сведоштва, безбедносните сили дури и ги истиснале цивилите за да направат место за своите мажи.

Иранските власти јавно ги прикажаа нападите како напади врз цивилни цели, додека го прикриваа присуството на безбедносните сили на овие локации.

Психолошка војна: Закани кон функционерите и распаѓање на моралот

Освен физички напади, Израел води и интензивна психолошка војна. Разузнавачите директно контактирале со команданти, предупредувајќи ги дека доколку не застанат на страната на народот во случај на бунт, ќе ја делат судбината на своите претпоставени.

На една снимка од разговорите, агент директно рекол: „Знаеме сè за тебе. На црната листа си“. Команданти одговорил речиси очајно, тврдејќи дека не е непријател и молејќи за помош.

Таквите операции дополнително го нарушиле моралот. Многумина припадници на безбедносните сили веќе не се чувствуваат безбедно ниту во сопствените бази, па спијат во возила, џамии или импровизирани засолништа.


Под постојани напади, безбедносните структури се принудени да импровизираат. Тие се преселуваат во училишта, спортски сали, па дури и во станбени згради. Некои се кријат под мостови или во автобуси, додека жителите често ги напуштаат зградите од страв да не станат мети.

Истовремено, секојдневниот живот почнува да се распаѓа. Полицијата е делумно парализирана, истрагите се запрени, граѓаните не се во можност да решат дури ни основни случаи, а на трговците им се советува да затворат пред да се стемни бидејќи безбедноста повеќе не е загарантирана.

И покрај ова, режимот продолжува да ги контролира улиците. Безбедносните сили се закануваат дека ќе употребат смртоносна сила за да ги спречат протестите, а многу граѓани веруваат дека обидот за востание во овој момент би бил самоубиствен.

Беспилотни летала и дојави од граѓаните: Нова фаза од војната

Како што се развивала кампањата, Израел дополнително ги проширувал операциите. Воведени се флоти беспилотни летала, кои кружат над Техеран и други градови, таргетирајќи контролни пунктови и блокади на патиштата.

Овие прецизни напади често се водени од дојави од обични Иранци. Беспилотните летала погодувале помали цели, по неколку припадници на безбедносните сили одеднаш, но континуирано, создавајќи постојан притисок и чувство на несигурност. Десетици контролни пунктови биле уништени низ главниот град, вклучувајќи клучни патишта и плоштади.

И покрај сето ова, конечниот исход останува неизвесен. Иран го ограничи пристапот до интернет и строго ги контролира информациите, што го отежнува независното проценување на реалната состојба.

Воените експерти предупредуваат дека е исклучително тешко да се собори режимот само преку воздушни напади. Доколку преживее, иранската влада би можела да излезе од конфликтот уште порадикална и поопасна.

Од друга страна, израелските процени сугерираат дека комбинацијата од економски колапс и растечко незадоволство го турка режимот кон неизбежен колапс или за време на војната или во периодот што следи. Но, клучот останува во рацете на самите Иранци.

„Тие го гледаат системот како се распаѓа пред нивните очи“ рекол аналитичарот Фарзин Надими.

„Но, за целосен пресврт, ќе бидат потребни уште многу удари“ заклучил тој, пренесе „Волстрит џурнал“.