Пакистан и Авганистан договорија привремен прекин на огнот

Макфакс

18/03/2026

22:49

171

Големина на фонт

а а а

Пакистан и Авганистан објавија привремен прекин на огнот во нивниот ескалирачки конфликт, два дена откако Кабул го обвини Исламабад за смртоносен воздушен напад врз болница за рехабилитација од дрога во авганистанскиот главен град, во кој, како што тврдат, загинале стотици лица.

Двете страни изјавија дека ги прекинуваат борбите пред муслиманскиот празник Рамазан бајрам, на барање на Саудиска Арабија, Турција и Катар, кои се обидуваат да посредуваат за прекин на непријателствата, објави АП њуз.

Пакистанскиот министер за информации, Атаула Тарар, изјави дека ги запира нападите кон Авганистан од полноќ во среда се до полноќ во понеделник. „Пакистан го прави овој гест на добра волја и е во согласност со исламските норми“, рече Тарар во соопштението. Но, тој додаде: „Во случај на каков било прекуграничен напад, напад со беспилотни летала или терористички инцидент во Пакистан, операциите ќе продолжат веднаш со обновен интензитет“.

Портпаролот на авганистанската влада, Забиула Муџахид, не прецизираше временска рамка за прекин на огнот од авганистанска страна, но рече дека неговата земја „храбро ќе одговори на каква било агресија во случај на закана“.