Европа е во страв од нови масовни миграции од Блискиот Исток поради војната на Америка и Израел против Иран. Потенцијалната миграциска криза од Иран во некои сценарија би можела да биде и поголема од онаа што ја погоди Европа во 2015 година, кога се случи масовна преселба на народите од Азија и Африка поврзана со војната во Сирија.
Шокантните слики од Иран и Либан, кои покажуваат непрегледни колони автомобили со луѓе кои бегаат од своите домови, се доволни за да се вклучи миграцискиот аларм во Брисел. Во 2015 и 2016 година повеќе од милион и пол луѓе избегаа од војна и терор од Сирија и соседните земји и пристигнаа во Европската унија. Само Германија прими околу еден милион бегалци и мигранти, што предизвика тектонски политички потреси. Следуваа терористички напади поврзани со исламизмот, а од ситуацијата профитираа крајнодесничарските партии, што го промени политичкиот пејзаж и на Германија и на целата Европска унија, пишува večernji.hr.

За утре министрите за внатрешни работи на ЕУ најавија состанок во Брисел. Еврокомесарот за миграции Магнус Брунер веќе претходно оваа недела разговарал со турскиот министер за надворешни работи за ситуацијата со бегалците.
Турција веќе ги засилува контролите на своите гранични премини со Иран. Двете земји делат граница долга речиси 600 километри. Грција исто така планира да ги зајакне граничните контроли со Турција.
По нападот врз Иран постојат најмалку пет причини зошто Европа би можела да биде погодена од нов миграциски бран, дури и поголем од оној во 2015 година.
1. Многу поголема популација во Иран отколку во Сирија
Иран има околу 93 милиони жители. Сирија пред војната во 2011 година имала околу 22 милиони. Во сириската војна околу 7 милиони луѓе ја напуштиле земјата, што е 31 отсто од населението. Доколку десет отсто од Иранците ја напуштат земјата, тоа би било повеќе од девет милиони луѓе.

2. Санкции и тешка економска состојба
Иран со години е под меѓународни санкции поради нуклеарната програма и геополитичките тензии. Тоа значи висока инфлација, постојан пад на куповната моќ и невработеност меѓу младите. Доколку се случи долготрајна војна, многу луѓе би можеле да ја видат емиграцијата како единствен излез.
3. Миграциската рута кон Европа веќе постои
Рутата по која мигрантите пристигнуваа во Европа во 2015 година е добро „утврдена“: Иран – Турција – Грција – Западен Балкан – ЕУ. Оваа источномедитеранска и балканска рута веќе беше воспоставена за време на сириската криза и сè уште е активна, па во случај на нови миграции би претставувала идеален пат за нови миграциски бранови.
4. Иран веќе има голема миграциска динамика
Иран со децении е домаќин на милиони бегалци од Авганистан. Според Агенцијата на ОН за бегалци, дури и пред новата војна, повеќе од два милиони баратели на азил од соседен Авганистан живееле во Иран.
Ако оваа војна потрае и овие луѓе би можеле да се придвижат, што би создало верижен миграциски ефект во регионот. Да не го заборавиме ниту конфликтот меѓу Пакистан и Авганистан, кој дополнително го зголемува миграцискиот потенцијал кон Европа.
5. Регионална ескалација предизвикува бранови во повеќе држави
Војната против Иран се проширува во голем регионален конфликт: Иран ги бомбардира земјите од Заливот чија инфраструктура САД ја користат за нападите врз Иран. Во војната се вклучи и Хезболах, што најпрво предизвика воздушни напади на Израел врз Либан, а сега и израелските копнени сили влегоа во таа земја.

Извештаите од Либан се алармантни: Каритас ја опишува хуманитарната ситуација на терен како драматична. Организацијата проценува дека ќе има „повеќе од еден милион внатрешно раселени лица“. Тоа би значело повеќе извори на миграција истовремено – сценарио од кое европските влади најмногу стравуваат.

Минатите војни и конфликти – како оние во Сирија, Сомалија или Јемен – покажуваат дека луѓето најпрво бегаат внатре во своите земји, барајќи засолниште во помирни области, пред сè кај роднини. Потоа следува бегство кон Европската унија.
Иранската миграциска криза би можела да биде поголема од сириската поради големата популација на Иран и големиот број мигранти во самата земја, постојните миграциски рути, економските проблеми и регионалното ширење на конфликтот.
Миграциската криза од 2015 година јасно покажа што се случува кога Европската унија не е подготвена за масовен прилив на бегалци. Уште еден таков удар ЕУ тешко би го преживеала.
















