Меѓународната агенција за атомска енергија е загрижена поради нападот во близина на нуклеарна централа во Иран

Макфакс

04/04/2026

14:37

313

Големина на фонт

а а а

Меѓународната агенција за атомска енергија изрази сериозна загриженост поради напад во близина на нуклеарната електрана Бушер во Иран, при што, според официјалните информации, не е забележано зголемување на нивото на радијација.

Во соопштение, Меѓународната агенција за атомска енергија наведува дека била информирана од иранските власти дека проектил утрово погодил област во близина на електраната Бушер. Ова е четврти ваков инцидент во последните неколку недели.

Според информациите доставени до агенцијата, едно лице од обезбедувањето загинало од остатоци од проектилот, додека една помошна зграда во комплексот била оштетена од ударниот бран и фрагменти. И покрај тоа, не е регистрирано зголемување на радијацијата.

Иранските медиуми претходно објавија дека во нападот има една жртва и материјална штета, при што за инцидентот ги обвинија САД и Израел.

Генералниот директор на агенцијата, Рафаел Гроси, изрази „длабока загриженост“ поради случувањето, нагласувајќи дека помошните објекти во нуклеарните постројки може да содржат клучна безбедносна опрема, што дополнително ја зголемува сериозноста на ваквите напади.