Иран подготвува нов режим за пловидба низ Ормускиот теснец кој ќе ги дефинира правилата за воени и комерцијални бродови, како и одговорностите на државите и сопствениците на пловила, изјави денес заменик-министерот за надворешни работи Казем Гариб-Абади.
Гариб-Абади во изјава за „Sputnik“ наведе дека предложениот протокол ќе опфати повеќе аспекти, вклучително и процедури за поминување на воени бродови, како и посебни услови за комерцијалните пловила.
Според неговите зборови, документот ќе содржи и одредби за одговорностите на прибрежните држави, при што Иран и Оман ќе бидат задолжени за обезбедување безбеден и непречен премин низ теснецот.
Исто така, ќе бидат дефинирани обврските на државите под чијашто застава пловат бродовите, како и на нивните сопственици, вклучително и евентуални надоместоци за обезбедените услуги.
„Сите овие прашања сè уште се во фаза на разгледување и, кога ќе се постигне договор со Оман, ќе биде објавено официјално соопштение. Прерано е да се зборува за конкретни тарифи и евентуална наплата“, изјави Гариб-Абади.

До оваа иницијатива доаѓа по ескалацијата на конфликтот, откако Соединетите Американски Држави и Израел на 28 февруари изведоа напади врз цели во Иран, вклучително и Техеран.
Иран потоа возврати со ракетни напади врз израелска територија и американски воени објекти на Блискиот Исток.
Конфликтот доведе до фактичка блокада на Ормускиот теснец, една од клучните светски поморски рути за транспорт на нафта и течен природен гас од Персискиот Залив, што значително влијаеше врз извозот и производството на енергенси во регионот.

Сè повеќе бродови поминуваат
Сè поголем број бродови поминуваат низ Ормускиот теснец, соопшти денес поморската разузнавачка компанија „Windward“.
Како што е наведено, бројот на транзити низ критичниот пловен пат се зголемил на 16 во средата, што е трет последователен дневен раст, пренесува „Al Jazeera“.
Сите 16 бродови ја користеле рутата преку островот Ларак.

„Windward“ соопшти дека тоа е знак дека сè повеќе земји преговараат со Иран за да им се овозможи премин на бродовите и сугерира дека темпото на транзит може да порасне во наредните денови.
Иако бројот на транзити е зголемен, сообраќајот во овој критичен пловен пат и понатаму е само дел од вообичаеното ниво.
Пред почетокот на војната на 28 февруари, низ теснецот дневно поминувале околу 130 бродови, според податоците на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој.












