Авторот на бестселерот "Rich Dad Poor Dad" со свое видување за војната во Иран: 10-те последни настани што веројатно треба да ги знаете

Точка

05/03/2026

09:50

1.491

Големина на фонт

а а а

Познатиот инвеститор и автор на бестселерот „Rich Dad Poor Dad“, Робарт Кијосаки, објави алармантен статус на социјалните мрежи во кој ги сумира најновите случувања поврзани со конфликтот на Блискиот Исток. Според него, ситуацијата веќе има глобални последици – од воени судири надвор од регионот, преку прекин на нафтени испораки, до масовни откажувања на летови и политички потреси.

Кијосаки во објавата наведува десет клучни настани за кои смета дека ја покажуваат сериозноста на ситуацијата.

Според неговите тврдења, американска подморница потопила ирански воен брод – фрегатата IRIS Dena – на околу 40 наутички милји од брегот на Шри Ланка. Од морето биле спасени 32 членови на екипажот. Со овој инцидент, како што наведува тој, конфликтот се проширил и во Индискиот Океан.

Во исто време, британска воена база на Кралските воздухопловни сили во Кипар била погодена од ирански дрон, што дополнително ја зголемило тензијата во регионот.

Енергетската криза исто така се продлабочува. Ирак започнал со затворање на своите најголеми нафтени полиња поради затворањето на Ормускиот теснец, стратешки морски премин низ кој минува значителен дел од светската трговија со нафта. Земјата произведува околу четири милиони барели нафта дневно, но моментално нема начин да го извезува производството.


🚨 IRAN WAR — DAY 5. Here's 10 Latest Updates You Should Probably Know...


1. A US Navy submarine sank an Iranian warship...

Posted by Robert Kiyosaki on Wednesday 4 March 2026

Големи последици има и во авиоиндустријата. Според статусот, секојдневно се откажуваат повеќе од 4.000 летови. Авиокомпаниите Емирати, Етихад, Катар Ервејс, Бритиш Ервејс, Луфтханза, Ер Индија и Вирџин Атлантик ги суспендирале летовите, додека аеродромот во Дубаи – еден од најпрометните во светот – бил затворен. Стотици илјади патници останале заглавени, а финансиските загуби се проценуваат на милијарди долари.

Во политички контекст, во Соединетите Американски Држави се водела дебата за воените овластувања на претседателот Доналд Трамп. Сенатот гласал со 47 гласа „за“ и 53 „против“ предлогот да се ограничат воените овластувања. Само еден републикански сенатор, Ренд Пол, гласал за запирање на воените операции.


Кијосаки наведува и дека во Израел се разгледува можноста изборите да бидат поместени за јуни или јули 2026 година, што потенцијално би можело политички да му користи на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Во објавата се тврди и дека светот почнува да се дели на два блока околу конфликтот. Поддршка за нападите, според Кијосаки, изразиле Украина, Германија, Австралија, Канада, Обединетото Кралство и Франција. Наспроти нив, против се изјасниле Кина, Русија, Пакистан, Бразил, Шпанија, Норвешка и Северна Кореја.


Во меѓувреме, околу 1.600 американски државјани и натаму се наоѓаат во регионот на Блискиот Исток. Американските власти организираат чартер-летови за нивна евакуација, а државниот секретар Марко Рубио работи на нивно извлекување од регионот.

Кијосаки тврди и дека внатрешната ситуација во Иран се влошува. Банкарскиот систем ограничува исплати на готовина, граѓаните купуваат резерви на храна, а на бензинските станици се формираат долги редици. Воедно, интернетот во земјата е речиси целосно блокиран.,


На крајот, тој предупредува дека сè уште нема временска рамка кога повторно ќе биде отворен Ормускиот теснец – морски премин низ кој поминува околу 20 проценти од светската нафта.

Кијосаки наведува дека конфликтот е во петтиот ден и дека, според изјавите на претседателот Доналд Трамп, борбите би можеле да продолжат уште четири до пет недели. Според него, развојот на ситуацијата може да има сериозни последици за глобалната економија и безбедност.