Мартин Сатријано зафати импресивен волеј и успеа да го матира Тибо Куртоа, а на крајот тоа се покажа како пресуден фактор во големата победа која ја оствари Хетафе, прва на „Сантијаго Бернабеу“ по пауза од 18 години.
Малиот градски ривал ги шокираше „кралевите“ и успеа да профитира од страшната завршница на својот напаѓач, а потоа и фајтерски да се одбрани во свој препознатлив и карактеристичен стил.
Хетафе не бираше средства за да стигне до целта и користеше и валкани тактики за да го неутрализира противникот, па ова беше тема на разговор и на пресот кој го одржа Алваро Арбелоа по поразот од 0:1.
– Имавме повеќе и почисти шанси од оние на Хетафе. Имавме шанса преку Винисиус, преку Ридигер, преку Родриго. Знаевме каков натпревар не чека. Не се случи ништо што не планиравме дека може да се случи. Имавме добра подготовка, знаевме што не чека против ваков ривал.
– Имавме потешкотии да играме против ривал кој беше добро затворен во својата половина. Требаше да бидеме поагресивни во дадени ситуации. Изгледа најлесно да играме преку Винисиус, но понекогаш треба да бидеме разновидни и да креираме опасност и од другата страна. Имаше многу прекини на игра, но тоа не е ништо ново. Судијата дозволи да не се игра фудбал. Ова не е критика за Хетафе, тие го прават она што им го дозволуваат судиите, – изјави Арбелоа, кој не планира да се откаже од битката за титулата.
По овој неочекуван пораз, Реал сега е на минус четири од Барселона, а вториот пораз во низа беше проследен и со лоша игра од избраниците на Арбелоа.
– Заслуживме победа против Хетафе, но не стигнавме до тоа. Ја прифаќам критиката, но преостануваа уште 36 бода во игра и целта е да ги освоиме сите. Нема многу надеж кога се губи ваков натпревар, но мора да станеме и да продолжиме напред. Во Реал никогаш никој не се предава. Знаеме дека можеме многу да се подобриме, особено кога ќе ни се вратат неколку играчи, – изјави Арбелоа.







