[ФОТО] Се продава дневникот на пилотот кој ја фрли бомбата врз Хирошима

Точка

26/02/2026

20:28

379

Големина на фонт

а а а

Дневникот на Американецот Роберт Луис, еден од пилотите на бомбардерот „Енола Геј“ кој ја фрлил атомската бомба врз јапонскиот град Хирошима е понуден на продажба во Калифорнија за 950.000 долари, пренесе „Вашингтон пост“ (WP).

Ракописот, со димензии приближно 25 на 20 сантиметри, на корицата го носи натписот „Сопственост на Роберт А. Луис… Бомбардирање на Хирошима, 6-ти август 1945“, а ја содржи и познатата забелешка „Боже мој, што направивме?“, запишана по фрлањето на првата атомска бомба.

Според трговецот со ретки книги Ден Витмор од Пасадена, кој дневникот го продава во име на американски сопственик, станува збор за еден од најзначајните документи од Втората светска војна.

„Ова можеби е еден од најважните документи од Втората светска војна. Во многу аспекти, тоа е пресвртница за целиот свет во 20-от век“, изјавил Витмор за „Вашингтон пост“.


Луис ги започнал белешките во форма на писмо до своите родители, при што го опишал моментот на детонацијата, ударниот бран и печуркастиот облак кој, како што навел, се издигнал на повеќе од 12.000 метри.

Запишал и дека облаците под него се раздвижуваат и дека времето изгледа добро за остатокот од летот до Хирошима.


„Сега сме оддалечени околу 2 часа од бомбите“, напишал Луис (26) додека Б-29 се приближувал кон јапонскиот град што требало да го уништи.

Кога нападот започнал, Луис напишал: „Следи пауза додека ја бомбардираме нашата цел“.

Луис истакнал дека голем дел од пишувањето настанало во речиси целосна темница за време на ноќниот лет. Во еден момент му снемало мастило и како што рекол продолжил да пишува со молив. Луис го напишал својот извештај на барање на Вилијам Л. Лоренс, репортер на „Њујорк тајмс“, кој подоцна додал неколку помали измени.


Лоренс требало да лета во мисијата кон Хирошима, но пристигнал предоцна во базата на бомбардерите на островот Тинијан, во Тихиот Океан, според записите во дневникот.

Тој успеал да учествува во мисијата за бомбардирање на Нагасаки три дена подоцна.

Луис мислел дека задачата би можела да му донесе „неколку долари“, наведуваат историчарите Гордон Томас и Макс Морган-Витс.

Леталото „Енола Геј“ моментално е изложено во Националниот музеј на воздухопловство и вселена во Шантили, Вирџинија, во близина на Вашингтон.


Ова е петти пат дневникот да биде понуден на продажба. Првпат бил понуден на аукција во 1971 година за 37.000 долари. Луис, кој присуствувал на продажбата (починал во 1983 година), рекол дека „не знаел што друго да направи со него“, потсети Вашингтон пост. Последен пат дневникот бил продаден во 2022 година за 543.000 долари.

Американското воено воздухопловство на 6-ти август 1945 година ја фрли ураниумската бомба „Малото момче“ врз Хирошима.

Три дена подоцна, плутониумската бомба „Дебелкото“ била фрлена врз Нагасаки.

Според процените на историчарите, во нападот Хирошима била речиси целосно уништена, а загинале меѓу 70.000 и 80.000 луѓе. До крајот на 1945 година починале меѓу 90.000 и 166.000 лица, вклучително и од последици од радиоактивно труење.

Втората експлозија погодила површина од приближно 110 квадратни километри, при што биле усмртени 70.000 жители. Јапонија официјално ги прифатила условите за предавање на 14-ти август.