Младите во Европа масовно користат вештачка интелигенција: Еве како стои Македонија

Точка

26/02/2026

18:47

361

Големина на фонт

а а а

Вештачката интелигенција во само неколку години стана секојдневна алатка за младите Европејци, а најновите податоци на „Евростат“ за 2025 година покажуваат колку брзо генеративната вештачка интелигенција се проширила меѓу популацијата на возраст од 16 до 24 години. Картата на користење открива големи разлики меѓу државите – од речиси целосна нормализација на AI на југот од континентот до значително повнимателен пристап во делови од југоисточна и источна Европа. Македонија се наоѓа при дното на европската листа со 45 проценти млади корисници.

Според податоците, во Македонија генеративна вештачка интелигенција во последните три месеци користеле 45 проценти од младите. Тоа е под европскиот просек и помалку во споредба со повеќето земји од регионот, што укажува на побавно темпо на интеграција на AI алатките во образованието и секојдневниот живот.

Најголем удел на млади корисници бележи Грција со 84 проценти, што е воедно и највисоката вредност на картата. Многу високо котираат и балтичките и нордиските земји – Естонија со 83 проценти, Норвешка со 80 и Данска со 78 проценти. Во западна Европа, вештачката интелигенција е исто така силно присутна меѓу младите: Португалија бележи 77 проценти, додека Шпанија и Франција имаат по 76 проценти корисници.

Наспроти тоа, дел од југоисточна Европа покажува значително пониски нивоа на користење. Покрај Македонија (45 проценти), при дното се и Романија со 44 проценти и Србија со 47 проценти, додека Турција со 39 проценти е убедливо најниско рангирана меѓу прикажаните држави. Интересно е што и Полска, како едно од поголемите технолошки пазари во регионот, има релативно скромни 49 проценти.


Во регионален контекст, Македонија заостанува зад Бугарија и Грција, кои имаат по 50, односно 84 проценти млади корисници. Овие бројки покажуваат посилна интеграција на AI алатките во образованието и пазарот на труд кај младите во тие земји. Од друга страна, Македонија е блиску до Романија и Србија, што ја позиционира во групата земји со поумерена дигитална трансформација.

Посебно внимание привлекува Германија, најголемата европска економија, каде вештачката интелигенција ја користат 53 проценти од младите – помалку од повеќето западноевропски држави. Тоа покажува дека економската моќ не секогаш значи и побрза општествена адаптација на новите технологии.

Бројките го потврдуваат она што веќе се забележува во училиштата, на факултетите и на пазарот на труд: вештачката интелигенција станува стандарден дигитален алат на генерацијата З. Разликите меѓу државите сè помалку зависат од достапноста на технологијата, а сè повеќе од дигиталните вештини, образовните политики и подготвеноста на институциите да ја вклучат AI во секојдневната работа.