Со опис на првите искри, паниката и стампедото во кое животот го загубија 63 лица, денеска продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, што избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК.
Професорката и придружна вокалистка, Ана Костадиновска, сведочеше дека пожарот почнал додека ја изведувале песната „Што сака нека биде“, кога на рефренот се вклучиле прскалките. Рече дека тоа не било неочекувано, бидејќи, како што наведе, на таа песна секогаш се палеле.
„Панчо повика да излеземе, но никој од нас не ја сфати сериозно ситуацијата. Се движевме бавно кон излезот. Забележав врата десно од мене и ги повикав да излеземе од таму, но беше заклучена. Потоа излеговме по подолгиот пат кога ситуацијата веќе ескалира“, рече Костадиновска.
Таа опиша дека се слушнало пукање, почувствувала силна топлина и удар во грбот, по што настанало стампедо. Паднала, ѝ била приклештена ногата и почувствувала силен мирис што ги терал на спиење. Рече дека ѝ помогнало момче кое ги држело будни и ѝ овозможило да ја извлече ногата. Има повреди на коленото и изгореници на лицето, а трагедијата, како што изјави, сè уште не ја прифатила и работи со психолози.
Костадиновска одговораше и на прашања од одбраната. Прашана дали знае како се вклучуваат прскалките, таа одговори дека не знае кој ги местел и кој ги вклучувал.
На прашање дали групата ДНК имала дозвола од МВР за употреба на пиротехника, изјави дека не ѝ е познато. Наведе и дека при тонската проба не забележале пиротехника на бината, како и дека лично никогаш во ниту еден клуб не видела кој ги мести прскалките, ниту знае кој од клубот бил задолжен за тоа.
Костадиновска потврди дека ДНК и претходно во настапите користеле прскалки.
Гитаристот Горан Тонев изјави дека пожарот настанал околу 2:30 часот, кога Панчо кажал сите да излезат оти плафонот почнал да гори. Според него, огнот се ширел екстремно брзо, од сунѓерите на плафонот капеле црни капки и имало густ чад. Наведе дека има изгореници на дишните патишта, десното уво, вратот, лицето и десната рака и дека се лекувал во Солун, а сè уште не може да ја извршува функцијата гитарист.
Тонев рече дека пиротехниката веќе била поставена кога се качиле на бината и дека не знае кој ја поставувал или активирал.
Од околу 50 настапи со бендот, на околу 15 се користела пиротехника. Посочи и дека во 2025 година бината била потесна, плафонот понизок и имало повеќе ЛЕД-ефекти во однос на претходната година.
Алберто Миладинов, кој го снимил пожарот, сведочеше дека плафонот се запалил во 2:32 часот. Рече дека објектот имал само една врата и дека вечерта купил билет од 500 денари без да добие фискална сметка, ниту за билетот ниту за пијалаците. Наведе дека и претходно имало оган при настапи и дека често имало полициски рации, при што малолетниците излегувале пред да дојде полицијата.
Бојан Клименков, кој работел како келнер во „Пулс“, но вечерта дошол како гостин, рече дека и додека работел имало пиротехника внатре и дека не видел кој ја палел, туку дека се палела „на копче“. Изјави дека плафонот се запалил над левата прскалка, по што настанала паника. Според него, сопственикот Дејан се обидел да го изгасне пожарот со ПП-апарат, но не успеал, а потоа било повикано сите да излезат надвор. Рече дека кога бил извлечен надвор се онесвестил.
Во пожарот загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Судењето продолжува на 5 март
















