Вучиќ: Новите закони на Приштина го загрозуваат опстанокот на Србите на Косово

Макфакс

25/02/2026

18:50

200

Големина на фонт

а а а

Српскиот претседател Александар Вучиќ ја истакнал пред специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Петер Соренсен, како што наведува, тешката положба на Србите, истакнувајќи загриженост поради намерата на Приштина да започне со спроведување нови закони кои би можеле да ја дискриминираат српската заедница.

По средбата во Белград, Вучиќ на Инстаграм наведе дека „посебно ја истакнал загриженоста по повод намерата на Приштина од 15 март да започне со спроведување нови ескалаторни и длабоко дискриминаторски одлуки“ кои, како што напиша, „директно го загрозуваат опстанокот на српскиот народ“ на Косово.

Белград најавениот Закон за странци го гледа како можна закана за прашањето на престојот, работата и опстанокот на илјадници луѓе кои функционираат во системот на институциите на Србија.

Ова особено се однесува на образованието, бидејќи бројни студенти од Србија, од северот на Црна Гора, како и половина од професорите и соработниците на факултетите во Косовска Митровица, според новиот закон би можеле да се сметаат за странци.

Тие на територијата на Косово ќе можат да престојуваат најмногу три дена или да наведат причина за продолжен престој, а доколку причината е студирање или работа на некој факултет, таа институција мора да биде акредитирана во Приштина, пренесе „Н1“.

Вучиќ, како што наведе, побарал „меѓународната заедница најсериозно да ги сфати овие исклучително важни прашања и да направи сè за да обезбеди почитување на правата“ на српската заедница на Косово.

Тој нагласи и дека приклучувањето на Косово кон регионален воен сојуз „дополнително ги зголемува тензиите и ја загрозува безбедноста на српскиот народ“.

„Ја истакнав неопходноста, без понатамошни одложувања, да се пристапи кон конкретни чекори за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО), на која српскиот народ на Косово чека веќе 13 години“, наведе Вучиќ, алудирајќи на Бриселскиот договор од април 2013 година.

Со тој договор Приштина се обврза да ја формира ЗСО, но одбива да го стори тоа бидејќи не сака да им препушти извршни овластувања на локалните заедници со мнозинско српско население.

Со Соренсен се сретна и шефот на српската Канцеларија за Косово, Петар Петковиќ, кој изјави дека најавениот закон директно загрозува повеќе од 10.000 Срби кои живеат и работат во Косово, вклучувајќи ги нивните „основни човекови и граѓански права, правото на работа, правото на слобода на движење, правото на семеен живот, здравствена заштита и образование“.

И Петковиќ повтори дека е неопходно итно формирање на Заедницата на српските општини.

Косово со Декларација усвоена од Собранието на Косово прогласи независност на 17 февруари 2008 година. Независноста во меѓувреме ја признаа водечките западни земји, но не и Кина и Русија, како и пет земји-членки на ЕУ. Србија одбива да ја признае косовската државност.