Над 600 вработени во ЕСМ стекнаа вештини за стабилен и одржлив енергетски систем

Макфакс

25/02/2026

16:00

147

Големина на фонт

а а а

Министерството за енергетика, рударство и минерални во соработка со АД ЕСМ и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), го одбележа завршувањето на два проекти за развој на работната сила кои ја поддржуваат праведната енергетска транзиција. Церемонијата за доделување сертификати се одржа во Битола, со присуство на надлежни претставници од институциите и меѓународните партнери.

Проектите се дел од Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија, координирана од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Целта е да се поддржат работниците и заедниците погодени од транзицијата од јаглен преку зајакнување на вештините, подобрување на вработливоста и градење отпорност во енергетскиот сектор.

Во рамки на двата проекта, повеќе од 600 вработени во ЕСМ учествуваа во структурирани програми за обука кои опфатија технички и менаџерски вештини, вклучително продуктивност, управување со енергија, лидерство, комуникација и инсталација на соларни системи. Иницијативите беа поддржани од Јапонскиот фонд за техничка соработка и Bloomberg Philanthropies, преку ЕБОР.

Поздравувајќи го завршувањето на програмата, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави:

„Праведната транзиција не значи само чиста енергија. Таа значи луѓето да имаат место во иднината што ја создаваме. А промените бараат нови вештини, нови пристапи и постојано учење. Затоа вложувањето во знаење е еднакво важно како и вложувањето во нови енергетски капацитети. Модерната енергија започнува токму тука – со луѓето. А модернизацијата не се случува сама — таа се учи, се гради и се води. Над 600 вработени во АД ЕСМ стекнаа нови знаења и компетенции за да се справат со претстојните промени. Ова ја прави институцијата посилна, поотпорна и подготвена за предизвиците што следуваат, а државата добива посигурен и постабилен енергетски систем. На сите што се стекнаа со сертификаати сакам да им порачам: Ова не е само признание за завршена обука — ова е доверба дека токму вие сте носителите на промените. “

Говорејќи на настанот, раководителот на Канцеларијата на ЕБОР во Северна Македонија, Фатих Туркменоглу, ја нагласи важноста од инвестирање во луѓето како основа за успешна енергетска транзиција. Тој истакна дека региони како Битола и Осломеј со децении играат клучна улога во обезбедувањето на националната енергетска сигурност, и дека работниците и заедниците мора да бидат поддржани додека енергетскиот систем се трансформира.

ЕБОР, исто така, го најави започнувањето на платформата „Women-led Coal Transition“ во вредност од 150.000 американски долари за Северна Македонија, која особено ќе ги поддржи жените вработени во енергетскиот сектор и погодени од транзицијата.

„Како што регионите зависни од јаглен влегуваат во ново поглавје, континуираните инвестиции во вештини, иновации и локален економски развој ќе останат клучни за обезбедување просперитет на заедниците како Битола и Осломеј во услови на енергетска транзиција. Завршувањето на овие програми претставува значаен чекор во патот на Северна Македонија кон праведна транзиција, покажувајќи дека долгорочното инвестирање во луѓето е од суштинско значење за изградба на модерен, конкурентен и одржлив енергетски систем“, соопштија од Министерството.