Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески и директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски остварија работна средба со Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на која дискутираа за клучните макроекономски показатели во државата, ценовната и финансиската стабилност, како и тековите на инфлацијата.
Соговорниците оценија дека економијата е стабилна и бележи солиден раст, а стабилниот курс на денарот во однос на еврото претставува важен фактор за зачувувањето на довербата во економијата, финансиската стабилност и конкурентноста на домашната економија.
Во однос на инфлацијата и ценовните флуктуации, соговорниците оценија дека веќе неколку месеци наназад се бележи стабилизирање на ценовните движења, а се очекува овие трендови да продолжат и во наредниот период. Проекција на Народната Банка е дека годишната инфлацијата ќе изнесува 2,5 проценти, додека на среден рок ќе се врати на историските 2 проценти.
Ристески, Стојкоски и Славески се согласија дека добрата соработка и координација помеѓу Народната банка, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат се значајни за носењето и спроведувањето на дел од политиките со кои се поттикнува економскиот развој на земјата.
Заменик-министерот Ристески на гувернерот Славески и вработените во Народната банка им го честиташе големиот јубилеј – 80 години од формирањето на оваа институција, јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен институционален развој. Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови.








