Целиот свет со солзи во очите гледа во фотографиите на шестмесечното мајмунче Панч кое мајката го напуштила, па сега оди наоколу влечејќи со себе кадифена играчка мајмун.
Сè започнало кога зоолошката градина од Токио објави фотографија од Панч како очајнички ја прегрнува кадифената играчка орангутан од „Икеа“, со срцепарателен натпис дека бебето било напуштено од мајката.
Фотографијата брзо стана вирална, собирајќи повеќе од 5 милиони прегледи и предизвикувајќи сочувства.
„Се молам за него секој ден“, напиша еден корисник на Инстаграм. „Те молам, Боже, заштити го!“, напиша друг.

Следниот викенд, по првичната објава, 8.000 луѓе се „слеаја“ во зоолошката градина Ичикава за да го видат мајмунот, двојно повеќе отколку во истото време претходната година. Потребна беше само една објава на социјалните мрежи за од „осаменото“ мајмунче да се роди ѕвезда.
Секако, стратосферскиот подем на Панч од несакано дете до мајмунска суперѕвезда е приказна каква што би очекувале да дојде од Холивуд, а не од Јапонија. Сепак, овој мал макаки мајмун сега е подеднакво познат во Џајпур и Џерси како и во Јапонија.
Стотици видеоснимки сега кружат на интернет на кои Панч си игра сам со својот кадифен орангутан, чувајќи го од други примати двојно поголеми од него, па дури и користејќи го како перница додека спие.

Во меѓувреме, други видеоснимки прикажуваат како групата го избегнува и малтретира Панч, физички оттурнувајќи го и покажувајќи ги своите смртоносно остри заби.
Како Панч стана најпознатото животно на планетата?
Кога Панч се родил во заробеништво на 26 јули минатата година, 24-годишниот чувар на зоолошката градина Косуке Шикано веднаш знаел дека нешто не е во ред. Мајката по долготрајното и тешко породување го игнорирала својот беспомошен син. Чуварот се обидел да ги спои, но по секој обид Панч бил оттурнуван. Се обидел да се нахрани, но мајката го оттурнувала настрана. Се обидел да се гали, но таа го одбивала.

И Панч не бил занемарен само од мајката, туку бил напуштен и од своето друштво. „Во јатото мајмуни во планините“, објасни Шикано, „другите мајки мајмуни понекогаш преземаат грижа за младенчињата, па го набљудувавме од далечина на денот на раѓањето. Но, немаше знаци дека која било мајка ќе го прифати“.
Постојат теории зошто мајката го игнорирала Панч. Трауматичната природа на нејзиното породување е едно од објаснувањата.

Но, во секој случај, чуварите на Панч немале друг избор освен да го одведат од другите мајмуни и сами да го одгледаат и хранат. Тоа значело да го завиткуваат во ќебиња за топлина и рачно да го хранат со шишенце. Но, постоел уште еден проблем. Мајмуните инстинктивно се држат за своите мајки, и поради безбедност и за да помогнат во развојот на виталните мускули. И тука се родила идејата за кадифената играчка. На Панч му биле дадени неколку играчки на избор – вклучувајќи и жирафа – но онаа кон која веднаш се приврзал бил портокаловиот орангутан од „Икеа“ – двојно поголем од Панч.
„Крзното на кадифеното животно му го олесни фаќањето“, продолжи Шикано. „А и неговиот изглед е сличен на мајмун, што веројатно му даваше чувство на сигурност на Панч“.

На 19 јануари, Панч бил вратен во оградениот простор во обид повторно да се интегрира со групата. А две недели подоцна, зоолошката градина ја сподели таа срцепарателна фотографија од Панч, изолиран од јатото и обвиен во доцното попладневно сонце, очајнички држејќи се за својата кадифена играчка која ја сметал за мајка.
Среќен крај на повидок
За среќа, изгледа дека среќниот крај е на повидок. „Панч постепено ги продлабочува своите интеракции со другите мајмуни“, неодамна пристигна известување од зоолошката градина во која живее тој.
Се чини дека Панч добива дури и прегратки од другите мајмуни и тоа е вест што израдува милиони луѓе.

Секако, вистината е дека Панч е многу повеќе од осамен мајмун. Тој е ранливо дете во сите нас кое не сака ништо повеќе од тоа да биде сакано. Затоа сите со олеснување ги дочекавме новите вести за Панч.












