Девојчето Миа Бејтс (7) ќе добие специјално признание во своето родно место Линвуд, село во американската сојузна држава Илиноис, јужно од Чикаго, еден месец откако со присебна реакција му го спаси животот на својот татко. Градоначалничката и припадници на итните служби ќе ѝ го врачат клучот од селото, пренесува „People“.
Таткото паднал и ја изгубил свеста
Инцидентот се случил во јануари. Таткото на Миа, Ксавиер, кој работи како кондуктер на железница, изјавил за WLS дека паднал додека се симнувал по скали, ја удрил главата и веднаш ја изгубил свеста. Бидејќи мајката на Миа во тој момент била на работа, девојчето било единственото што можело да му помогне.
Миа не паничела. Дотрчала до телефонот и се јавила на 911, при што јасно му објаснила на диспечерот што се случило. Во објава што селото Линвуд уште во јануари ја сподели на социјалните мрежи, беше истакната нејзината „храброст и брза реакција“.
„Кога нејзиниот татко Ксавиер доживеа сериозен пад дома, Миа под притисок остана мирна, се јави на 911, му даде клучни информации на диспечерот и ги пушти болничарите во куќата кога пристигнаа“, наведоа тие. „Нејзината смиреност и брза реакција му го спасија животот.“
Самата Миа изјави за WLS дека знаела дека нејзиниот татко мора да оди во болница „каде што може да му биде подобро“ и дека ѝ било драго што итната помош му помогнала. На другите во слична ситуација им порача да „бидат храбри“.
Пофалби од градските служби
Командантот на противпожарната единица во Линвуд, Лашаун Алстон, изјави дека ги прочитал белешките од диспечерот и особено го пофалил девојчето затоа што останало „мирно“ и „присебно“ во исклучително стресна ситуација.
Благодарение на нејзината брза реакција, помошта пристигнала навреме, а сега заедницата симболично ќе ѝ се заблагодари – со доделување на клучот од селото.








