Никола Николиќ од Белград, на социјалните мрежи попознат како „Johnny Pony“, е студент по новинарство кој моментално се наоѓа на студентска размена во Осло. На своите следбеници на „ТикТок“, кои се повеќе од половина милион, им сними видео во кое покажа како изгледа студентскиот дом за кој тврди дека е „еден од најдобрите“.
Во видеото објаснува дека Норвешка има еден од највисоките студентски стандарди во Европа и дека домовите се „важен дел од системот“. „Живеам во еден од најдобрите студентски домови и еве зошто. Тука студентското сместување не значи импровизација, туку организиран, безбеден и квалитетен простор за живеење“, вели во видеото.
Сите користат картички за отклучување
Николиќ наведува дека домот има околу 550 соби и дека влезот и движењето низ зградата се организирани преку систем на картички. Како што вели, со картичка се отклучува влезот во зградата, потоа катот, па станот и на крај – самата соба.
Особено истакнува дека е вообичаено секој студент да има сопствена соба, додека кујната и бањата се делат, најчесто со најмногу седум лица. „Приватниот простор е загарантиран“, порачува тој.
Пералната е автоматизирана, се плаќа со картичка
Во рамки на домот има и перална, а Никола тврди дека машините за перење се целосно автоматизирани – доволно е да се стави облеката и да се плати со картичка.
Патем се осврна и на норвешките навики за плаќање: „Во Норвешка воопшто не користат хартиени пари“, додаде, со напомена дека за тоа ќе зборува повеќе во друго видео.
Цена од 400 до 600 евра, вклучени интернет и струја
Николиќ вели дека домот се плаќа месечно и дека студентите потпишуваат договор во износ од 400 до 600 евра, со вклучени интернет и струја. Истакнува дека тоа, со оглед на Осло, е „многу поволно“.
Покрај сместувањето, на студентите им се достапни и дополнителни содржини – на располагање имаат голема теретана, олимписки базен и сауни, а месечната членарина изнесува околу 279 круни (околу 25 евра). „И тоа е исклучително пристапно“, нагласи тој.
Ја опиша и атмосферата во домот. „Тука живеат студенти од различни земји, дружењата се чести, а се организираат и разни активности. Домовите во Осло собираат студенти од различни држави, атмосферата е интернационална… Сето ова дава чувство на сигурност што секој студент кој сака да учи го заслужува“, заклучи на крајот.









