Порториканскиот пејач Рики Мартин пред неколку дена влегол во кафулето „Сип 305“, во близина на Меѓународниот универзитет на Флорида во Мајами, и веднаш наишол на нешто што не го очекувал. На ѕидот стоел натпис со имиња на познати личности на кои локалот им ветил бесплатен пијалак, а меѓу нив било и неговото име.
Сè се случило само неколку дена по неговиот настап на полувремето на Супербол, каде се појави заедно со Бед Бани. Снимката од кафулето брзо стана вирална на социјалните мрежи.
Видно изненаден, Мартин започнал да снима селфи-видео, додека вработените останале во шок, не верувајќи дека навистина влегол во нивниот локал.
„Леле, каква случајност. Бакнежи и прегратки. Погледнете го ова“, вели пејачот во видеото.
На таблата биле испишани имиња на неколку ѕвезди, меѓу кои Педро Паскал, Бед Бани, како и играчите од НФЛ Дрејк Меј и Сем Дарнолд. Точно во средината стоело името на Рики Мартин. Во вториот ред била и Лејди Гага.
Во еден момент, Мартин ја свртува камерата кон вработената, студентката Накоса Роузмонд, која од изненадување едвај изговара неколку зборови.
Неочекуваната средба, која започнала како обична случајност, за кратко време се претвори во вистински хит на социјалните мрежи.









