[ФОТО] Полската олимпијка објави фотографија откако лизгалка ѝ го пресече лицето: „Посилна сум отколку што мислев“

Точка

22/02/2026

12:43

1.091

Големина на фонт

а а а

Шокантни сцени го одбележаа натпреварот во брзо лизгање на Зимските олимписки игри, кога полската репрезентативка Камила Селиер (25) доби тежок удар од лизгалка во лицето. По драматичните моменти на мразот, Селиер сега се огласи од болница и порача дека, и покрај сè, е добро.

За време на трката на 1.500 метри дојде до пад на повеќе натпреварувачки, а Селиер остана да лежи покрај оградата додека крвта се собираше на мразот.

Медицинските екипи веднаш реагираа, трката беше прекината, а Полјачката беше згрижена зад големо бело платно пред да биде префрлена во болница. Според британските медиуми, веднаш била подложена на оперативен зафат.


Несреќата се случи во шестото четвртфинале. Во дуел со Италијанката Аријана Фонтана, Селиер ја изгуби рамнотежата и падна, а во тој момент Американката Кристен Сантос-Грисволд ја удри со лизгалка во лицето. Крвавењето беше обилно, а глетката ги шокираше и публиката и натпреварувачките.

При изнесувањето од мразот, Селиер го крена палецот кон публиката, која ја испрати со громогласен аплауз. Сантос-Грисволд подоцна беше казнета поради недозволена промена на патеката во претходната ситуација.


Според информациите на полските медиуми, Селиер најпрво била сошиена во салата, а потоа пренесена во болница каде што КТ-снимање покажало помала фрактура. Лекарите одлучиле повторно да ја отворат раната за да ја санираат оштетената коска и да ја исчистат повредата.

Селиер на социјалните мрежи објави фотографија од болничкиот кревет на која се гледа само неоштетената страна од нејзиното лице, со пораката:

„Знам дека еден ден ќе ја погледнам оваа фотографија и ќе се сетам дека сум посилна отколку што некогаш мислев. Ви благодарам за сите зборови на поддршка, само сакав да знаете дека сум сосема добро“.


Шефот на полската олимписка мисија, Конрад Ниџвјецки, изјави за „Eurosport“ дека операцијата поминала успешно.

„Камила беше оперирана за да се санира оштетената коска. Се разбуди утрово со силен оток и не спиеше многу, но окото ги помина првите тестови, што нѝ беше најважно“, рече Ниџвјецки.

Иако сцената на мразот беше застрашувачка, првичните информации од болницата носат олеснување. Полската лизгачка покажа неверојатна сила и оптимизам во еден од најтешките моменти од својата кариера.