[ФОТО] Погледнете како изгледа ногата на Линдзи Вон по уште една операција на коленото

Точка

21/02/2026

13:30

1.080

Големина на фонт

а а а

Една од најголемите скијачки на сите времиња Линдзи Вон (41) со своите следбеници на Инстаграм сподели потресни детали од закрепнувањето по страшниот пад на Зимските олимписки игри во Милано.

Нејзиното големо враќање на патеките, кое веќе беше прогласено за спортска приказна на годината, заврши со тешка повреда. Во најновата објава од болничкиот кревет, Вон видно исцрпена и во болки ја покажа брутално искрената страна од борбата што е пред неа. Покрај видеоснимката, објави и рендгенски снимки кои ги откриваат размерите на повредата и оперативниот зафат.

Таа откри дека зад неа е уште една во низата операции, овојпат во Соединетите Американски Држави. Станува збор за исклучително сложен зафат на стабилизација на скршената потколеница, кој траел повеќе од шест часа.


„Успеав да ја поминам операцијата, беа потребни нешто повеќе од шест часа за да заврши. Како што гледате, беа потребни многу плочки и завртки за сè да се состави, но д-р Хакет заврши неверојатна работа“, напиша Вон покрај снимките на кои јасно се гледа металната конструкција што сега ја држи коската на место.

Таа призна дека закрепнувањето е исклучително тешко.

„Со оглед на обемот на траумата, малку се мачам по операцијата и сè уште не сум отпуштена од болница, но наскоро ќе бидам. Мали чекори“, порача, покажувајќи неверојатна сила и покрај сè.

Да потсетиме, Вон на 8 февруари доживеа тежок пад за време на спустот на Игрите во Италија. Иако во 2019 година се повлече од професионалното скијање, се врати на сцената по успешна делумна трансплантација на колено и на 41 година избори настап на своите петти Олимписки игри.


Сепак, само девет дена пред почетокот на Игрите го скина предниот вкрстен лигамент. И покрај тоа, одлучи да настапи. За жал, нејзината трка траеше само 13 секунди; по контакт со капијата изгуби контрола и доживеа тежок пад.

Дијагнозата беше поразителна – комплексна фрактура на потколеничната коска. Следуваа четири операции во Италија, пред да биде префрлена назад во САД.

Како сето тоа да не беше доволно, само ден по падот, на 9 февруари, угина нејзиното сакано куче Лео, кое 13 години беше покрај неа и ѝ помагаше да ги преброди бројните претходни повреди.

И додека пред неа е долг и неизвесен период на закрепнување, Вон уште еднаш покажува зошто ја сметаат за една од најголемите, не само поради медалите и победите, туку и поради силата со која се носи со најтешките животни моменти.