Нејмар ги шокираше бразилските медиуми со оваа изјава: „Можеби ќе одлучам дека е доста“

Точка

20/02/2026

21:02

342

Големина на фонт

а а а

Секако дека сакав да се вратам за да му помогнам на тимот, но на крајот сепак малку се поштедив за да се вратам сто проценти подготвен, без болки и без страв.

Бразилската суперѕвезда Нејмар се наоѓа на пресвртница во кариерата. Поранешниот фудбалер на Барселона, ПСЖ и Ал-Хилал минатата година се врати во матичниот Сантос по раскинувањето на договорот во Саудиска Арабија поради бројни проблеми со повреди. Тие проблеми го следеа и во родниот Бразил, всушност го следат во текот на целата кариера, па неговиот план за враќање во врвот на светскиот фудбал не се одвива баш добро.


За него сезоната започна дури неодамна, со оглед на тоа што кон крајот на минатата година се одлучи на операција која повторно го оддалечи од терените. Факт е дека неговото тело сè потешко ги поднесува барањата на професионалниот фудбал, па не е исклучено 2026 година да му биде и последна во кариерата.

„Не знам што носи иднината. Можно е во декември да одлучам дека е доста и дека сакам да се пензионирам. Живеам година по година“, изјави тој за „Caze TV“.


Нејмар се надева дека би можел да се најде на списокот на селекторот Карло Анчелоти за Светското првенство кое во јуни и јули ќе се игра во САД, Мексико и Канада. Последниот натпревар за Селесао, чиј е најдобар стрелец во историјата со 79 погодоци, го одигра во октомври 2023 година во квалификациите за Мундијалот.

Тој призна и дека се воздржувал од враќање во тимот на Сантос за да се заштити од нови повреди:


„Секако дека сакав да се вратам за да му помогнам на тимот, но на крајот сепак малку се поштедив за да се вратам сто проценти подготвен, без болки и без страв. Во последниот натпревар успеав многу добро да се вратам. Среќен сум и мирен. Очигледно е дека ми треба уште малку ритам, но со упорност ќе стигнам до сто проценти. Ќе живеам година по година. Не знам што ќе се случи, сè зависи од моето срце. Ден по ден.