[ВИДЕО/ФОТО] Пристигна новиот „Audi RS5": Има хибриден погон со 640 коњски сили, но тежи речиси 2,4 тони!

Точка

20/02/2026

19:44

396

Големина на фонт

а а а

Иако го задржува 2.9-литарскиот V6 битурбо мотор, новата генерација носи електрификација — но и значително зголемување на масата.

„Audi“ го претстави новиот "RS5", својот прв "RS" модел со "plug-in" хибриден погон.

Иако го задржува 2.9-литарскиот V6 битурбо мотор, новата генерација носи електрификација — но и значително зголемување на масата.


Во срцето на погонскиот систем е бензински V6 со 510 коњски сили, а со помош на електромотор од 177 коњски сили вкупната комбинирана моќност изнесува 640 коњски сили, додека максималниот вртежен момент е 825 Nm.

Силата на тркалата се пренесува преку осумстепен автоматски менувач и унапреден „Quattro“ погон.


Забрзувањето до 100 км/ч трае 3,6 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 285 км/ч.

Батеријата со капацитет од 25,9 kWh овозможува возење на струја до 87 километри во градски услови, а полнењето трае околу два и пол часа.


Сепак, најголемата промена е масата. "RS5 Avant" во европската спецификација тежи 2.370 килограми, што е дури 625 кг повеќе во однос на претходникот.

Интересно е што сега е потежок и од поголемиот модел „Audi RS6 Avant" со V8 мотор.


Дизајнерски, новиот "RS5" носи проширена каросерија, големи овални издувни цевки, изразени отвори за воздух и опционални керамички сопирачки зад 20-или 21-инчни тркала.

Достапни се и детали од карбонски влакна. Во понудата се седан (поточно, петвратен лифтбек) и попрактичниот "Avant" (караван).


Во кабината доминираат спортски седишта со функција за масажа, троен дигитален екран и управувач со RS копчиња за брза промена на режимот на возење и активирање на „boost“ функцијата во траење од 10 секунди.

Продажбата во Европа започнува во првиот квартал од 2026 година, по цена од 106.200 евра за седан и 107.850 евра за "Avant".