„PlayStation 6“ би можел да биде одложен до 2029 година, а еве кој е виновен за тоа

Точка

19/02/2026

23:01

257

Големина на фонт

а а а

Љубителите на конзоли би можеле да чекаат значително подолго на следната генерација отколку што претходно се предвидуваше.

Според новите извештаи, „Sony“ размислува за одложување на излегувањето на конзолата „PlayStation 6“ за 2028 или дури 2029 година поради глобалната криза на пазарот на мемориски чипови.

Главната причина за ова потенцијално поместување е „бумот“ на вештачката интелигенција (AI). Гигантите како „Google“, „Amazon“ и „Microsoft“ трошат стотици милијарди долари за изградба на AI дата-центри, кои бараат огромни количини мемориски чипови. Поради тоа, водечките производители како „Samsung“, „Micron“ и „SK Hynix“ ја пренасочија својата продукција кон попрофитабилни мемории со високи перформанси наменети за AI секторот, оставајќи го пазарот на потрошувачка електроника во проблеми.


Првичните планови на „Sony“ наводно предвидувале лансирање на „PS6“ во 2027 година, но тој датум сега би можел да се помести за две години.

Цената на „DRAM“ меморијата драстично порасна – само во периодот од декември до јануари е забележан скок од 75 проценти. Ваквата нестабилност директно влијае врз трошоците за производство на новата конзола.


Проблемите не го погодуваат само „Sony“. Извештаите сугерираат дека и „Nintendo“ би можел да ја зголеми цената на наследникот на конзолата „Switch“ веќе во 2026 година поради истите трошоци за компоненти.

Доколку овие прогнози се остварат, „PlayStation 5“ би можел да има најдолг животен циклус во историјата на компанијата, што би го принудило „Sony“ дополнително да инвестира во ексклузивни наслови за актуелната генерација.


Иако „Microsoft“ и понатаму наводно ја таргетира 2027 година за својата следна „Xbox“ конзола (според изјавите на директорката на „AMD“, Лиса Су), ситуацијата со таканаречениот „RAM-magedon“, како што некои аналитичари ја нарекуваат, би можела да ги натера двата гиганта да ги забават своите планови додека пазарот на чипови не се стабилизира.

Засега, „Sony“ официјално не ги коментираше овие наводи.